Вашингтон во текот на вчерашниот ден соопшти оти е „загрижен“ откако израелските власти затворија неколку палестински невладини организации, што делуваат на окупираниот Западен Брег.
Претходно, израелската војска објави дека спроведе ноќни претреси во седум организации во градот Рамалах на Западен Брег, каде се наоѓа седиштето на палестинските власти.
Во октомври, Израел категоризираше шест палестински организации како терористички, поради нивните наводни врски со левичарската милитантна група Народен фронт за ослободување на Палестина, иако јавно, израелски официјални лица не споделија никакви докази.
Сите невладини организации негираа какви било врски со Народен фронт за ослободување на Палестина, што многу западни земји ја прогласија за терористичка група.
– Загрижени сме поради денешното затворање на шест канцеларии на палестински невладини организации во и околу Рамалах од страна на израелските безбедносни сили, подвлече портпаролот на американскиот Стејт департмент, Нед Прајс на брифинг за новинари.
Како што истакна Прајс, нема промена во „нашата позиција или пристап кон тие организации“. Тој додаде оти Вашингтон не финансира ниту една од нив.
– Изминатите месеци не видовме ништо со што би се променил нашиот став, појасни Прајс.
Според него, американски официјални лица стапија во контакт со израелски колеги „на високо ниво“ со цел да добијат дополнителни информации, што Израел вети дека ќе им даде.
На седмата организација каде Израел упадна вчера, Унија на синдикатот на здравствени работници, земјата и забрани да работи на Западниот Брег во 2020 година.