ноември 23, 2024

Земјата во жолта ковид зона, засега нема нови мерки

Во земјава моментално се активни над пет илјади случаи со Ковид-19 и таа се наоѓа во жолта зона, а Комисијата за заразни болести засега не препорачува нови мерки.

Според министерот за здравство Беким Сали, ако се земат предвид моменталните бројки во сите инфективни одделенија во државава и искуствата од минатото, ситуацијата со пандемијата во државава е се уште „оптимистичка“.

– Ние забележуваме секојдневно благо зголемување на новоинфицирани во државата, Скопје се уште е жариште, односно црвена зона. Меѓутоа, од аспект на оптоварување на системот се уште сме во жолта зона, појасни Сали, вчера на отворањето на реновираниот Хируршки Ургентен Центар во склоп на ЈЗУ УК „ТОАРИЛУЦ“.

Апелира граѓаните со хронични болести да се вакцинираат со трета и четврта доза од вакцините против Ковид-19.

Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, објавени вчера, направени се 1.602 тестови, а регистрирани се нови 855 случаи со Ковид-19 и 683 оздравени пациенти. Од вкупниот број на позитивни 22 проценти или 189 се реинфекции.

Во вчерашниот билтен не се пријавени починати лица. Согласно регистарот на умрени лица со дијагноза Ковид-19 од „Мој Термин“ се регистрирани две починати лица, по едно починато лице од Битола (85г) и Кочани (71г), двете лица се починати во болнички услови, лицата за починати се пријавени во период од 22.07-27.07.2022 година, соопшти вчера Министерството за здравство.

Според епидемиолошки анализи во моментов од 5 196 активни случаи, најголемиот дел или 43 проценти се во главниот град – Скопје. Во Битола има 441, потоа следат Прилеп – 271, Охрид - 263 и Куманово – 245.

Во Црна Гора, поради влошување на епидемиолошката состојба предизвикана од коронавирусот, во следните 15 дена ќе биде задолжително носење заштитни маски, а здравствените власти уште еднаш апелираа до граѓаните да се вакцинираат против Ковид-19.

Поради зголемувањето на бројот на заболени и хоспитализирани лица, директорот на Институтот за јавно здравје Игор Галиќ изјави дека е воведено задолжително носење заштитни маски во сите институции на јавната администрација, продавници за храна, аптеки и бензински пумпи.

Во Португалија носењето заштитни маски во јавниот превоз поради Ковид-19 останува задолжително барем до крајот на август, одлучија вчера португалските власти.

Кинеските здравствени власти водат посебна статистика за асимптоматски случаи на инфекција со коронавирусот. Во Кина, како што соопштија тамошните здравствени власти, во изминатите 24 часа регистрирани се 564 нови случаи на зараза со коронавирус од кои 109 симптоматски и 455 асимптоматски.

Read Previous

Смарт финансиите најзначајна фискална реформа

Read Next

СДСМ: Започнавме нова епата, преговори со ЕУ за македонски јазик и заштитен идентитет