ноември 23, 2024

Арсовска: Започнува реконструкцијата на пешачките патеки во првиот дел од Градскиот парк

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, со директорот на ЈП Улици и патишта Борис Настов денеска извршија увид во почетокот на реконструкцијата на пешачките патеки во првиот дел од Градскиот парк.

-Во успешно завршената реконструкција на пешачките патеки во вториот дел од паркот, каде веќе се реконструирани над 12.000 квадратни метри, продолжуваме со реконструирање на сите останати пешачки површини во Градскиот парк. Со реконструкцијата во оваа фаза е предвидено да бидат опфатени пешачки патеки на вкупна површина од 12.500 квадратни метри во првиот дел од Градскиот парк. Од вкупната површина 7.500 квадратни метри се пешачки патеки што се покриени со ризла кои ќе бидат асфалтирани, а 5.000 квадратни метри пешачки патеки кои се затекнати во лоша состојба со големи оштетувања, ќе бидат санирани со нова асфалтна маса, истакна Арсовска.

Екипите на ЈП Улици и патишта, по налог на Град Скопје, во текот на изминатите денови веќе ги започнаа  активностите за реконструкција  на патеките во близина на малиот лавиринт во првиот дел од паркот и дополнително уредување на зеленилото.
-Во активностите во оваа фаза на реконструкција на патеките во првиот дел од Градскиот парк ЈП Улици и патишта во изминативе денови веќе започнаа со целосна реконструкција на пешачките патеки со ризла, потоа следи фаза на реконструкција на оштетените асфалтни патеки и санација на истите кои ќе бидат обновени со нова асфалтна маса, посочи директорот Настов.

Реконструкцијата на пешачките патеки, обнова за зеленилото, поставување на нови садови за отпадоци, нова урбана опрема и санација на постоечката урбана опрема, како и реконструирање на плочници и тековно одржување на парковата опрема е дел од активностите кои Градот Скопје ги презема за обновување на Градскиот парк во корист на сите генерации.

Read Previous

Коњаниците од Aеродром денеска тргнуваат за Kрушево

Read Next

Попис 2021, ДЗС го објави четвртиот сет податоци