
Во рамки на реализацијата на Стратешкиот дијалог меѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави, Владата на САД донесе одлука за издвојување на дополнителни средства за зајакнување на владеење на правото во Република Северна Македонија. За оваа цел се издвоени дополнителни средства во износ од 4, 318 милиони САД долари.
Со отпочнувањето на Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија – САД, пријателските односи меѓу двете земји се подигнати на ново, повисоко ниво во име на продлабочување на стратешкото партнерство.
Стратешкиот дијалог започна на 2 јуни во Вашингтон, меѓу владината делегација предводена од Министерот за надворешни работи Бујар Османи, од наша страна и делегацијата, предводена од Помошникот државен секретар на САД за европски и евро-азиски работи, др. Карен Донфрид, од американска страна. Стратешкиот дијалог претставува форум кој обезбедува врамување на билатералните односи и соработката во одбраната, економијата, образованието, транспортот, енергетиката, климатските промени, демократскиот развој, борба против корупција, владеењето на правото, трговијата и други теми од заемен интерес.