ноември 21, 2024

Вон контрола пожарот во близина на Атина, изгорени домови, евакуирани населби

Цела ноќ траеше битката на пожарникарите со пожарот што сè уште е вон контрола во североисточниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, а огнените јазици предизвикаа материјална штета на куќи, изгореа домови и досега беа евакуирани жителите на најмалку десет населби, јави дописничката на МИА од Атина.

Шумскиот пожар избувна вчера, кусо по 17 часот од планината Пендели и поради силниот ветер, се спушти и брзо се прошири кон населените места, заземајќи големи размери со активни жаришта во повеќе населби и во близина на домови.

Портпаролот на противпожарната служба на Грција Јанис Артопиос, утрово рече дека ноќта беше тешка, а ветерот со брзина од над 80 километри на час, постојано менувал правец што дополнително го отежнуваше гаснењето на пожарот.

Со разденувањето одново почнаа да интервенираат и воздушните средства, а во гаснењето на пожарот учествуваат 485 пожарникари, заедно со пожарникарите од Романија кои се во Грција, 28 пешадиски тима, 120 противпожарни возила, пожарникари волонтери и цистерни од општините, а од воздух пет авиони и четири хеликоптери.

Во пожарот помагаат и припадници на армијата, но и на полицијата, која отстапи 626 полицајци со 232 возила.

Во текот на ноќ преку неколку пораки од бројот за итни случаи 112  беше побарано од жителите на шест населби да се евакуираат, додека пак полицијата интервенирала 600 лица да бидат пренесени на безбедно место.

Од почетокот на пожарот беше побарано од жителите на најмалку десет населби да ги напуштат нивните домови.

Доцна синоќа превентивно беа евакуирани и Националната опсерваторија и две детска болница со 35 и 36 деца.

Од 5.30 часот утрово, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис е во координативниот центар за операции и управување со кризи во Министерството за климатска криза и цивилна заштита.

Сè уште е непозната големината на материјалната штета предизвикана од шумскиот пожар, но сигурно е дека има целосно изгорени куќи и возила, но и куќи кои претрпеа материјална штета.

Read Previous

Зеленска разговараше со Џил Бајден, денеска ќе одржи говор во Конгресот

Read Next

Иднината на Владата на единство на Драги треба да биде решена денеска