ноември 23, 2024

Народна банка: Основната каматна стапка зголемена на 2,50 проценти

Народната банка изврши дополнително зголемување на каматната стапка на благајничките записи за 0,50 процентни поени со што таа сега е на ниво од 2,5 проценти. Одлуката е донесена на вчерашната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика. 

При носењето на одлуката, како што денеска соопшти централната банка, земени се предвид најновите движења на инфлацијата. 

– Во периодот јануари ‒ јуни 2022 година годишната стапка на инфлација изнесува 10 проценти во просек, што е повеќе во однос на последните проекции. Најголемиот дел од домашната инфлација е резултат на притисокот од увозните цени на храната и енергијата, коишто досега растат посилно од очекуваното. Овие притисоци брзо се прелеваат врз цените и на останатите производи и услуги и дополнително ги подгреваат инфлациските очекувања, се наведува во соопштението.

Од Народната банка информираат дека за првпат по извесно време очекувањата за цените на нафтата и храната на светските пазари се ревидирани надолу и дека во втората половина од годинава се очекува стабилизирање. Сепак, велат од Народната банка, неизвесноста од идните движења на цените на енергијата и храната е нагласена поради воените случувања во Украина. 

– Имајќи ги предвид инфлациските движења, но и движењата на девизниот пазар, Народната банка постојано ги користи сите расположливи инструменти за управување со ликвидноста и за влијание врз каматните стапки. Интервенциите на Народната банка на девизниот пазар, од последниот квартал минатата година па наваму, придонесуваат за намалување на ликвидноста, а за да се одржи нејзиното оптимално ниво се користат и останатите инструменти, како што се депозитот преку ноќ, седумдневниот депозит, репо-операциите и благајничките записи. Во текот на годината, во два наврата беa направени и промени кај инструментот задолжителна резерва заради понасочено делување врз процесот на евроизација, којшто дополнително влијае врз побарувачката на девизниот пазар. Оваа мерка е во склад и со Стратегијата за денаризација на домашната економија, велат од централната банка. 

Главниот ризик и понатаму останува неизвесноста поврзана со текот и времетраењето на воениот конфликт меѓу Русија и Украина и неговото влијание врз цените и економската активност во глобални рамки, а според Народната банка не треба да се занемарат и ризиците од пандемијата на Ковид 19 која се уште не е завршена. 

– Во вакви услови уште повеќе доаѓа до израз потребата за водење претпазливи домашни политики.Народната банка внимателно ги следи макроекономските податоци и ризиците поврзани со нив и ќе продолжи со делување користејќи ги сите расположливи инструменти, со цел да се одржи стабилноста на девизниот курс и среднорочната ценовна стабилност, нагласува Народната банка. 

Девизните резерви остануваат во сигурна зона, а според првичните податоци за јуни годинава, годишниот раст на вкупните кредити е солиден и е малку над проектираниот, при поумерен раст кај вкупните депозити.  Вопрвиот квартал од годинава, активноста во домашната економија остварила реален раст од 2,4 проценти на годишна основа, сличен на остварувањата од претходниот квартал. Расположливите месечни податоци за економската активност за вториот квартал засега упатуваат на слични движења и во овој период. 

Read Previous

Деспотовски: Политичките случувања во земјава засега не влијаат врз странските инвестиции

Read Next

Милошоски: Владата е единствениот орган што може да ја одбие или прифати преговарачката рамка