ЈП Паркови и зеленило со реакција до јавноста за отстрането дрво на плоштадот Македонија, едно од засадените на Мајка Тереза.
„Силното невреме што изминатиов викенд го зафати градското подрачје, проследено со обилни врнежи од дожд и силен ветер предизвикаа оштетувања на поголем број на паднати гранки и дрвја.
Екипите од Секторот Дрвореди од ЈП Паркови и зеленило веднаш излегоа да интервенираат на локациите каде беа пријавени паднати гранки и дрвја од страна на граѓаните.
Ја информираме јавноста дека паднатото дрво на плоштадот Македонија од видот чемпрес од исклучителна вредност за скопјани за жал заради самата јачина на силниот ветер и поројниот дожд беше затекнато паднато. Службите од страна на ЈП Паркови и зеленило извршија увид на локацијата на дрвото и беше констатирано дека заради плиткиот коренов систем и наносите на дожд и ветер од невремето придонеле за пад на истото.
Поради скршениот корен на дрвото и неговата габаритност не било возможно негово повторно засадување и службите од секторот Дрвореди пристапиле кон негово отстранување од просторот.
До ЈП Паркови зеленило веќе пристигнаа барања од граѓани и здруженија за повторно засадување на истовидно дрво на истото место. Ја информираме јавноста дека истото ќе биде извршено чим временските услови за садење на дрвја во текот на сезоната ќе бидат овозможени“, се вели во соопштението од ЈП Паркови и зеленило.