Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски во емисијата „Студио 10“ на телевизија 24 информираше дека има намера заедно со неговите истомисленици да формираат политичко движење со кое ќе настапат на следните парламентарни избори во земјава. Тој истакна дека од
политичката партија СДСМ сè уште не знаат дали тој е нивен член или не е.
„Сè уште официјално сум член, иако тие самите не знаат дали сум член или не сум член. Еден ден велат ќе се врати, другиот ден велат избркан е. Еден ден ме повикуваат, вториот ден се откажуваат од мене, ме критикуваат, организираат протести итн. Една политика локално раководство, друга политика централно раководство, трета политика лидерот итн. Раштиман оркестар. Немам намера да се вратам во СДСМ, затоа што имам намера заедно со мои истомисленици да формираме едно политичко движење на граѓаните во Македонија коешто на следните парламентарни избори ќе победи на најдемократски начин. Зошто? Затоа што сметам дека е општа катарза во општеството и сето она што се нуди на политичката подлога, на политичката понуда во моментов во државата е премногу слаба да се носи со сите овие моментални предизвици коишто ги има државата. Кој командува со партијата? Командува за жал политбирото против којшто сите се боревме, а не командуваат официјалните органи и тела на партијата. Зошто францускиот предлог пред да се произнесе било кој во јавноста не е ставен официјално на разгледување на органи и тела на владејачките политички партии, вклучувајќи го СДСМ. Зошто не изгради членството преку своите делегатски системи, преку централните, извршните одбори со одредени ставови?“, рече Димитриевски и додаде дека граѓаните треба да се пробудат и да влезат во процесот којшто значи да се борат самите за себеси.