Дел од екипата на турската серија „Балканска приспивна песна“ („Balkan Ninnisi“), што се снима во Скопје, одржа брифинг со новинарите пред утрешната премиера на првата епизода која ќе се емитува на турската државна телевизија ТРТ 1, јавува Агенција Анадолија (АА).
Продуцентите на серијалот Јалчин Ари, Угур Узунок и актерот Хакан Бојав денес одговараа на новинарските прашања пред утрешната премиера на првата епизода на серијата.
Продуцентот Јалчин Ари, истакнувајќи дека веќе два месеца се наоѓаат во Скопје, со екипа од вкупно 200 луѓе, рече дека веќе се навикнале, дека се чувствуваат како локалци и дека веќе се дел од мултикултурната структура на земјата, која рече дека е многу богата од тој аспект.
Наведувајќи дека имаат голема поддршка од македонските институции, како што се Министерството за култура, безбедносните служби, полицијата, општината и граѓаните, Јалчин рече дека утре ќе биде премиерата на првата епизода на серијата на турската државна телевизија ТРТ 1.
„Луѓето во Туркије ќе ја видат културата и ткивото на ова место. Затоа не се сите работи донесени од Туркије (Турција). Воспоставено е заедно со локалното ткиво, и тоа е богатството и разликата на оваа серија“, нагласи продуцентот Ари.
На новинарското прашање колку еден странец реално може да ја раскаже љубовната приказна на двајца млади, Македонка и Турчин во Северна Македонија, продуцентот и сценарист на серијата Угур Узунок рече дека потекнува од Нови Пазар и дека се чувствува како Балканец.
„Јас сум и продуцент и сценарист на проектот, но пред тоа, јас сум од Нови Пазар, јас сум Бошњак, значи. Моето потекло е бошњачко, целото мое семејство е бошњачко, околу 13 години, секоја година ги посетувам балканските земји и [Северна] Македонија“, нагласи Узунок, додавајќи дека ги има посетено градовите како што се Охрид, Струга, Битола, Прилеп, Велес и дека овде има голем број пријатели со кои комуницира и дека се чувствува како Балканец.
Актерот Хакан Бојав, кој ја игра улогата на Даниел, рече дека е многу среќен што се наоѓа во Скопје и е дел од серијата „Балканска приспивна песна“.
Истакнувајќи дека заедно со режисерот и сценаристот пред почетокот на снимањето на серијата направиле истражувања за начинот на живот на македонскиот народ, Бојав додаде дека е подготвен да ја игра улогата на татко (Даниел) во едно македонско семејство.
„Можам да кажам дека уживав да го играм таткото на македонското семејство. На крајот на краиштата, без разлика дали се работи за турско или македонско семејство вие ја играте улогата на еден човек. Но, македонското семејство има малку поинаков стил на облекување, малку поинаков начин на живот, искрено тоа ми се допадна“, нагласи актерот Бојав.
Серијалот ја раскажува љубовната приказна на двајца млади, Ертан и Јованка, од различни националности во Скопје. Ќе ја раскаже нивната борба во име на љубовта да го постигнат невозможното.