ноември 23, 2024

Зеленски: Наредната недела ќе се заострат руските напади

Генералштабот на украинската армија соопшти дека руските сили користат ракети и артилерија за бомбардирање на градови во близина на Северодоњецки. Според војската, украинските и руските сили се уште се борат за целосна контрола врз Северодоњецк, клучен град во источна Украина. Украинскиот претседател Зеленски, изјави дека оваа недела се очекува интензивирање на непријателските активности од страна на Русија.

„Треба да очекуваме поголема непријателска активност од Русија. Точно оваа недела. Се подготвуваме. Подготвени сме. Ние ги предупредуваме партнерите. Непријателите собираат сили во правец на Харков, во областа Запорожје. Повторно ја погодија нашата инфраструктура за гориво, сакаат да ја влошат ситуацијата со горивото. Секако, ќе одговориме и на тоа“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеф Борел, ја обвини Русија дека извршила „вистински воени злосторства“ со блокирање на извозот на жито од Украина.

„Незамисливо е милиони тони пченица да останат заробени во Украина додека остатокот од светот се соочува со глад. Ова е вистинско воено злосторство“, нагласи Жозеф Борел, шеф на дипломатијата на ЕУ.

Овие коментари Борел ги даде на почетокот на средбата меѓу министрите за надворешни работи на европскиот блок, во Луксембург. Се очекува министрите да разговараат за рутите за милиони тони жито кои се во Украина, а се блокирани во пристаништата на Црното Море од руските сили.

Украина поднесе барање за членство во Европската унија, неколку дена по почетокот на руската окупација. Молдавија и Грузија го направија истото.Лидерите на 27-те земји-членки на ЕУ ќе ги анализираат апликациите на трите земји на самитот што ќе се одржи на 23 и 24 јуни и се очекува да ја поддржат апликацијата на Украина.

Read Previous

Ковачевски: Протоколот кој стигна во бугарското Собрание, нема нови услови и барања за нас

Read Next

Ковачевски: Финансискиот систем успешно одговори на кризата