Пратеникот Станислав Балабанов од партијата Има таков народ која реши да излезе од бугарската влада, во емисијата „Лице в лице“ на БТВ покажа рачно напишан план за тргање на ветото и европската интеграција на Северна Македонија.
Балабанов тврди дека станува збор за ракопис на Кирил Петков и тврди дека премиерот го „нацртал“ за време на нивното заедничко патување со воз за Киев.
Коментирајќи го наводниот план на Петков, пратеникот вели дека е безобразно што прво се планира укинување на ветото, а потоа на ред доаѓа исполнувањето на обврските на Северна Македонија.
Петков, пак, вчера имаше заедничка прес-конференција со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји на која кажа дека Бугарија има три јасни барања за напредок на Северна Македонија во евроинтеграциите.