ноември 22, 2024

Градот Коња за Скопје обезбедува противпожарно возило

Во рамки на тродневната посета на Република Турција, градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска оствари повеќе средби со официјални претставници, меѓу кои и со градоначалникот на градот Коња, Угур Ибрахим Алтај. На средбата, како што се наведува во соопштението од Град Скопје, е потпишаn протокол за соработка, а како гест и потврда за воспоставените пријателски билатерални односи и соработка, градоначалникот Алтај за потребите на Противпожарната бригада на град Скопје ќе обезбеди противпожарно возило.

Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска за време на нејзината тридневна посета на Република Турција се сретна со градоначалникот на Општина Коња Угур Ибрахим Алтај, гувернерот на Коња Вахдетин Озкан, претседателот на ТИКА Серкан Кајалар и претседателот на Претседателство за Турците во странство и сродните заедници Абдулах Ерен.

-На работните средби кои ги остваривме во градот Коња договоривме конкретна соработка со градоначалникот Алтај, при што морам да го потенцирам пријателскиот и пречек и од желбата за интензивирање на билатералната соработка, која резултираше со гест на потврда на овие заложби од страна на Градот Коња, со доделување на противпожарно возило за потребите на Противпожарната бригада на градот Скопје, во интерес на сите скопјани, истакна Арсовска.

Градоначалничката, како што се посочува во соопштението, ја посетилa противпожарната служба во градот Коња која опслужува територија над 42.000 квадратни метри, a ја обезбедуваат илјада пожарникари и над две илјади волонтери. Тие се грижат за безбедноста од оваа сфера на околу три милиони граѓани во градот.

-При посетата на противпожарната професионална служба во градот Коња, остваривме средба со командантот Џевдет Ишбитриџи на која разговаравме за можностите за соработка во насока на отпочнување заеднички проекти и обуки, како и размена на знаења на противпожарните бригади во делот на противпожарната заштита, но имавме и прилика да ја видиме нивната техничка опременост во функција на заштита на околу три милиони граѓани во градот, вели Арсовска.

Во рамки на посетата на Република Турција, Арсовска и директорот на ЈП „Комунална хигиена“, Зуди Енузи, оствариле средби со гувернерот на градот Коња, Вахдетин Озкан, со претседателот на Турската агенција за соработка и координација – ТИКА, Серкан Кајалар и со претставници на деловната заедница.

За време на посетата на Турција, градоначалничката на Скопје Данела Арсовска беше придружувана од директорот на Јавното претпријатие Комунална хигиена – Скопје, Зуди Енузи Кока, претседателот на Сојузот на турски невладини организации во Северна Македонија (МАТУСИТЕБ) Хусрев Емин и заменик-претседателот на Здружението за култура, уметност и образование Ќопру, Мехмед Ариф.

Read Previous

Мицевски: Собранието веќе не е демократска институција, заробена е од Џафери кој синоќа заклучи пратеници во салата

Read Next

Сребрен медал за малиот штипјанец Васил на Балканско првенство во спортско качување