ноември 23, 2024

Мицевски: Собранието веќе не е демократска институција, заробена е од Џафери кој синоќа заклучи пратеници во салата

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова за Македонија“ ќе поднесат Интерпелација на Претседателот на Собранието Талат Џафери, ова денеска преку изјава за медиумите го истакна координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

-По вчерашниот ден во кој ние пратениците бевме заклучени во пленарната сала по наредба на Талат Џафери веќе е кристално јасно дека Собранието не е е повеќе демократска институција туку институција заробена од еден Автократ кој што си дозволува да се однесува како собранието да е приватна своина, непочитувајќи никаков Деловник и пред се крши основни човекови права. Талат Џафери, со своите диктаторски и непринципиелни методи не смее ни ден повеќе да го води законодавиот дом. Овој човек нема почит спрема никого, ниту спрема собраниската служба која ја вреѓаше и пцуеше на најбезобразен начин, ниту спрема пратениците за кои се дрзна да им го ограничи правото на движење и ги заклучи во пленарната сала. Почитувани граѓани, ова се крици на еден немоќен  и неспособен човек кој што не може да изгради сопствен авторитет ниту кај службата ниту кај пратениците и затоа незнаејќи што да прави се дрзнува насила да спроведува режим кој што е далеку од демократски. За Талат Џафери, не постои Деловник, не постојат човекови права. Овој автократ е влезен во филм дека никој ништо не му може и дека е недопирлив и затоа мора да си оди подалеку од храмот на демократијата, вели Мицевски.

Тој додава дека ова е човек што си дозволува да фрла амандмани на опозиција во контејнер, да омаловажува вработени во Собранието, луѓе професионалци кои се криви само затоа што одбиваат да ги примаат неговите наредби кои се незаконски, насилно да ги заклучува пратениците во Собранието, да крие закони и интерпелации во фиока и да го ускратува уставно загарантираното право на пратеник да ги застапува граѓаните кои што го бирале.

-Сакаме да додадеме дека сето ова случува со амин и знаење на СДСМ кои што секојдневно ги бранат постапките на Џафери сакајќи најлошиот претседател на Собранието во историјата да го претстават како најдобар. Ова е одговорност и на СДСМ, кои заедно со Џафери ги приредуваат овие циркуси во Собранието. Нас ни е јасно дека Џафери и СДСМ ќе направат се, повторно да избегаат од одговорност како многупати досега и исто така им порачуваме дека оваа Интерпелација не смее да заврши повторно кај него во фиока и никогаш да не ја стави на седница како што се случи со предходната што ја поднесовме. Редот и функционирањето на Деловникот мора да се вратат во Собранието на Република Македонија. Самоволието, деспотското раководење и сите други методи на кои е навикнат Џафери може да си ги применува само во својата партија и кај него дома. Ги повикуваме пратениците од СДСМ да да се ослободат од ова заложничко однесување на Талат Џафери и да ни се приклучат заедно да кажеме СТОП на овој човек кој што секој ден се повеќе го урнисува законодавниот дом. Исто така, го повикуваме и премиерот Димитар Ковачевски, еднаш барем да се заинетесира и да се постави како вистински премиер, а не да молчи и да бега од јавноста бидејќи ова што се случува е и негов срам. На македонската јавност и е повеќе од јасно дека Ковачевски е само пиун, човек кој што не е биран од народ и затоа мора да се распишат предвремени парламентарни избори за Македонија да се ослободи од овие луѓе кои секој ден ја уништуваат државата и народот, без око да им трепне, рече Мицевски.

Read Previous

ФОТО: Родригез се прошета со скап аксесоар и конечно ги воодушеви модните критичари

Read Next

Градот Коња за Скопје обезбедува противпожарно возило