Министерска конференција за Западен Балкан насловена „Укинување на бариерите за одржлив развој на туризмот“ денеска се одржува во Тирана, Албанија во организација на Регионалниот совет за соработка (РСС).
На конференцијата, ресорните министри од Западен Балкан, претставници од Европската комисија и други релевантни засегнати страни, на четири панели ќе расправаат за состојбите што ги остави пандемијата со КОВИД 19 во туризмот, како и за подобрување на деловната клима за одржливи инвестиции и на човечкиот капитал во туризмот. Ќе стане збор и за подобрување на компетентноста во туризмот, како и за иновациите и креативноста во служба на туризмот.
На првиот панел посветен на состојбите предизвикани од КОВИД 19 ќе се разговара за влијанието на имплементираните мерки, како и за оние кои допрва треба да се преземат за да се решат тековните ефекти од пандемијата врз туризмот. Препораките од овој панел ќе послужат како почетна точка за работата на Комитетот за кризи и закрепнување на туризмот на Западен Балкан.
Вториот панел е посветен на подобрување на деловната клима за одржливи инвестиции во туризмот и на него ќе се разгледа состојбата во туристичките инвестиции во регионот и ќе ги изнесе на виделина главните прашања и препораки за подобрување на деловното опкружување за да се привлечат поодржливи инвестиции во туризмот. На панелот ќе се разгледаат и мерки за отстранување на административните бариери во регионот за патување за авантуристички туризам.
Третиот панел е за подобрување на компетентноста на човечкиот капитал во туризмот и ќе ги разгледа главните предизвици во подобрувањето на вештините, а ќе стане збор и за признавање на стекнатите вештини и дипломи, како и за развивање заеднички професионални стандарди во туризмот во регионот. Ќе се разгледа и подобрувањето на дигиталните вештини како еден од предусловите за работа на современите туристички пазари, заедно со средствата за зголемување на учеството на младите во вработувањето во туризмот.
На четвртиот панел, кој е посветен на иновациите и креативноста во туризмот, ќе се говори за справувањето со барањата на современиот туристички пазар и новите трендови во креативните индустрии со цел да се искористи креативниот потенцијал на регионот во промоцијата, развојот и валоризацијата на туризмот. На отворањето на конференцијата поздравни обраќања ќе имаат генералниот секретар на РСС, Мајлинда Брегу, албанската министерка за туризам и животна средина, Мирела Кумбаро, градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај и Алексис Хупин од Делегацијата на ЕУ во Албанија.