Австралискиот премиер Скот Морисон, денеска го окарактеризира како „чекор предалеку“ планот на рускиот претседател Владимир Путин да присуствува на Самитот на Г20 закажан за октомври оваа година.
Морисон пред медиумите во Мелбурн ја окарактеризира руската инвазија врз Украина како насилен и агресивен чин што го урива меѓународното владеење на правото.
„И идејата да се седне на маса со Владимир Путин – а САД веќе посочуваат на воени злосторства во Украина – за мене е чекор предалеку,“ рече Морисон.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен синоќа рече дека Вашингтон утврдил дека руските сили извршиле воени злосторства во Украина, посочувајќи истовремено дека Москва намерно напаѓа цивилни објекти и користи воени тактики видени во Чеченија и Сирија.
Запрашан за позицијата на Канбера по тоа прашање, Морисон рече дека „Австралија го споделува ставот врз основа на тоа што го видовме“, притоа алудирајќи на ставот на САД.
„Ја знаеме формата на Владимир Путин кога станува збор за одземање животи на невини цивили. Русија има форма“, рече Морисон.
Амбасадорката на Москва во Џакарта, Људмила Воробиева, вчера изјави дека Путин има намера да присуствува на состанокот на групата на големи економии Г20 закажан за 30-31 октомври на индонезискиот туристички остров Бали.
„Зависи од ситуацијата. Претседателот Путин има намера да дојде на самитот на Г20“, рече таа пред медиумите посочувајќи дека Самитот не е форум за дискусии по однос руската инвазија врз Украина што почна пред еден месец. Покрај другите мерки, западните земји размислуваат целосно да ја исклучат Русија од форматот Г20.