Интензивно се одвиваат градежните активности за изградба на експресниот пат Градско–Прилеп, кој е еден од најзначајните патни правци во државата каде дневно поминуваат и над 6 илјади возила од сите категории, изјави премиерот Димитар Ковачевски, при увидот во изградбата на втората фаза од експресниот пат, на потегот Фариш-Дреново, соопшти денеска владината прес-служба.
Ковачевски информираше дека работите на втората од вкупно трите предвидени делница, на потегот од Дреново до Фариш, се очекува да завршат следната година. За изградбата на оваа делница во должина од 10,2 километри се издвоени 33,6 милиони евра со поддршка на Европската банка за обнова и развој.
Градежни работи се одвиваат и на првата делница Градско-Дреново, а за третата делница со која е предвидено проширување на патот од Прилеп до мост на Ленишка Река и изградба на трета лента на патната делница од село Беловодица до Каменолом Маврово, е во тек подготовка на тендерска постапка.
-Конкретно на оваа делница каде што сме во моментот, работите се очекува да завршат следната година. Верувам дека доколку се продолжи со вакво темпо оваа фаза ќе биде завршена и пред рок, што значи дека граѓаните коишто интензивно го користат овој патен правец ќе го скратат времето на патување, а ќе возат по сигурна и безбедна делница. Инаку, на само десет километри растојание во овој појас се градат два тунели, 21 мост, 5 подвозници, 11 потпорни ѕидови, еден кружен тек на локалниот пат со клучка кај Дреново и еден вијадукт, што говори за каков тешко пристапен терен станува збор, рече Ковачевски.
Тој, како што соопшти владината прес-служба, посочи дека тунелот Фариш кој е лоциран на почетокот на Фаришката клисура е еден од покарактеристичните објекти и најтешкиот дел од трасата. Тунелот на чие што пробивање во моментов се работи е составен од две цевки, и тоа лев тунел, во правец кон Прилеп со должина од 139 метри и десен тунел, кон Градско со должина од 159 метри.
Ковачевски нагласи и дека компанијата изведувач „Синохидро“ и надзорот „Геинг“ и во услови на пандемија, здравствена и економска криза успеваат да го реализираат предвиденото. Во овој регион, најави премиерот, продолжуваме со повеќе проекти. Еден од нив и многу значаен, посочи, ќе биде изградбата на автопатот Прилеп–Битола кој треба да го гради Конзорциумот „Бехтел и Енка“. Експресениот пат Градско-Прилеп ќе се надоврзе на автопатот Прилеп-Битола, а со рехабилитацијата на магистралниот пат Битола-граничен премин, според премиеот, ќе се поврземе брзо и безбедно со Република Грција. Планирани и во тек се и неколку значајни рехабилитации на регионални патишта како што е рехабилитацијата на државниот пат Фаришка Клисура – Прилеп каде се отпочнати веќе работите, понатаму Битола-Демир Хисар, Крушево-Демир Хисар, Другово-Демир Хисар, Кривогаштани–Крушево и Велес – Градско. Завршени се патните правци од Кажани до Ротино, од Кривогаштани до Житоше, од Долнени до Богомила, како и од Кавадарци до Дреново.