Потпретседателката на САД, Камала Харис, утре ќе отпатува за Полска и Романија, во знак на поддршка на двете држави од аспект на ситуацијата во Украина и на активностите што се спроведуваат за прифат на бегалци од соседната држава.
Од федералната администрација на САД посочуваат дека средбите на Харис со полските и романските власти ќе бидат фокусирани на начините за имплементација на економските санкции против Москва и во насока на задржување на курсот што го држи Северноатлантската алијанса по однос рускиот напад врз Украина.
Потпретседателката на САД во Варшава ќе се сретне и со канадскиот премиер Џастин Трудо кој исто така е во посета на регионот.
„Голем дел од нашите дискусии во двете престолнини ќе бидат за утврдување на следните чекори…и како да ја движиме топката напред“, изјави официјален претставник на администрацијата на САД.. Последен пат Харис ја посети Европа во рамки на нејзиното учество на безбедносната конференција во Германија. Во Минхен таа оствари средби со партнери и сојузници на САД, вклучително и со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, насочени кон зајакнување на врските со европските сојузници пред извесната руска воена интервенција во Украина.