ноември 24, 2024

За два дена вакцинирани над 1.500 лица во рамки на кампањата за имунизација против Ковид-19

Над 1.500 лица за два дена се вакцинирани со прва и трета доза во рамки на широката кампања за имунизација за заштита на ризичното население од тешка форма на Ковид-19, информираше вчера Министерството за здравство.

Преку СМС пораки, како што посочуваат, ги повикуваат лицата од ризичната група над 65 години, како и помлади лица со коморбидитети, кои сè уште не се заштитени со соодветна доза вакцина да се имунизираат, во точно определен термин и пункт, закажани преку „МојТермин“.

Од Министерството истакнуваат дека сите вакцини кои се користат во моментот се сигурни и безбедни и штитат од тешки форми на Ковид-19.

Вчера, беа регистрирани нови 124 случаи со Ковид-19 од направени 1.209 тестови или 10 отсто. Од вкупниот број на позитивни (124), регистрирани се 22 реинфекции. Починати се седум лица, меѓу кои и 36-годишен пациент.  Кај сите починати лица регистрирани се коморбидитети.

Досега во земјата се направени вкупно 1.908.017 тестирања на Ковид-19. Вкупниот број ковид-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 299.766, бројот на оздравени пациенти е 288.235, на починати 9.086 а на активни случаи изнесува 2.445.

Според епидемиолошки анализи во моментов најмногу активни случаи има во Скопје – 1354, по што следуваат Прилеп – 136, Битола – 126, Куманово – 113, Велес – 100. Во другите градови има под 100 активни случаи, а во Пехчево и Дојран по еден случај.

Според светската статистика, досега во светот се заразиле над 447 милиони жители, оздравеле 380 милиони луѓе, а починале шест милиони лица.

Според експертите, „на епидемијата сè уште не и се гледа крај“.

Оддалечените острови на Пацификот, кои немаа зараза две години, сега се борат со првите случаи на инфекција и смрт предизвикани од позаразната варијанта Омикрон.

Хонг Конг, каде што бројот на починати расте, овој месец трипати го тестира целото население од 7,5 милиони, следејќи ја кинеската стратегија за „нулта ковид“.

И покрај тоа што смртноста од вирусот останува висока во Полска, Унгарија, Романија и другите источноевропски земји, повеќе од еден милион бегалци од воена Украина пристигнаа во регионот. Украина е земја со мал процент вакцинирани и висока стапка на зараза и смртност.

И во САД, каде што има голем процент на вакцинирани, се приближуваат до милион регистрирани смртни случаи. Според денешните податоци, вкупниот број изнесува 984.000 починати.

Втор по смртност е Бразил со 652.000 починати, трета е Индија со 515.000, а Русија со 356.000 е четврта земја во светот по број на починати од коронавирус.

Експертите од Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина (ИФЦР) изразија загриженост дека војната во Украина би можела да доведе до зголемување на бројот на новозаразени со Ковид-19, како во земјата, така и во соседните држави.

Во Украина во февруари на дневно ниво се регистрираа по 900.000 заразени, а 60 отсто од тестираните беа позитивни.

Соседните земји на Украина, Молдавија и Романија, дестинации за многу украински бегалци, имаат ниска стапка на вакцинација против Ковид-19.

Две години по прогласувањето вонредна состојба и влез во карантин, Белгија ги укинува речиси сите епидемиолошки мерки, вклучувајќи ги и обврските за носење маска и ковид пропусница, јавија тамошните медиуми.

Во Белгија од вчера престанува да важи обврската да се носи маска на јавни места, вклучително и во продавници и во училишта, со исклучок во здравствени установи и во јавен транспорт.

Укинувањето на епидемиолошките мерки во Белгија доаѓа по значајното подобрување на епидемиолошката состојба во земјата. И во Словенија од вчера децата и вработените во училиштата нема да носат маски. Ова се должи на тоа што и во оваа земја епидемиолошката состојба веќе одредено време се подобрува.

Read Previous

СЗО: Девет жртви во напади на здравствени установи во Украина

Read Next

Русија не стави на списокот на непријателски земји, Скопје односот кон Москва ќе го усогласува со ЕУ