Русија ја стави Северна Македонија на списокот на непријателски земји. Од Скопје пак порачуваат дека позицијата кон Руската Федерација во контекст на агресијата врз Украина, е јасно искажана, а тоа е дека земјава ќе се придружи на сите одлуки на ЕУ во осуда, но и во дефинирање на односот кој ќе го имаме со Русија.
Руската Влада вчера одобри список на странски држави и територии кои вршат непријателски дејствија против Русија, нејзините компании и граѓани. На списокот се наоѓаат Австралија, Велика Британија, земјите-членки на ЕУ, Исланд, Канада, Лихтенштајн, Монако, Нов Зеланд, Норвешка, Јужна Кореја, Сан Марино, Андора, Сингапур, САД, Тајван, Украина, Северна Македонија, Албанија, Црна Гора, Швајцарија, Јапонија и Микронезија. Земјите и териториите споменати во списокот воведоа или им се придружија на санкциите против Русија по почетокот на руската инвазија врз Украина.
Претседателот на Владата Димитар Ковачевски и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, вчера на средба со шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава Дејвид Гир, ја потврди позицијата на Република Северна Македонија во согласност со позициите на нашите стратешки партнери ЕУ, НАТО и САД, за најостра осуда на руската инвазија на Украина и поддршка и придружување на санкциите кон Руската Федерација. На состанокот, како што информираа од владината прес-служба, било поздравено лидерството на Владата и брзата реакција за ситуацијата во Украина.
-На средбата е заеднички истакната важноста на европските перспективи на Република Северна Македонија, што ќе значи охрабрување за европерспективите и на сите други држави од Западен Балкан, се наведува уште во соопштението.
И шефот на дипломатијата Бујар Османи вчера на брифинг со новинарите порача дека нашата позиција кон Руската Федерација во контекст на руската агресија е јасно искажана, и оти ќе се придружиме на сите одлуки на ЕУ во осуда, но и во дефинирање на односот кој ќе го имаме со Москва. Одговарајќи на прашање во однос на последиците од фактот што Москва ја стави С Македонија на листата на непријателски земји, тој додаде дека одлуките за тоа ќе се донесат во координација со ЕУ, а не на билатерална основа.
Шефот на дипломатијата ја оцени како класична закана објавената информација од страна на Руската амбасада, дека со големо внимание се следи, како што посочуваат, невиденото ниво на русофобија забележано во голем број странски земји во светлината на специјалната воена операција во Украина и предупредувањето дека сите вакви инциденти се внимателно евидентирани.
-Таа е непристојна објава и е класична закана која што не е објавена само кај нас, туку во сите земји во светот, пред се во Европа и ние ја интерпретираме како закана која што е надвор од нормалната дипломатска комуникација помеѓу две држави, оцени Османи.
Вчера попладнето рускиот амбасадор во државава Сергеј Баздникин бил повикан во Министерството за надворешни работи, при што, како што потврдија од МНР за МИА, му била врачена вербална нота, поради тоа што Руската Федерација ја стави Северна Македонија на листата на непријателски земји.
Прашан за евентуално протерување на рускиот амбасадор од земјава во однос на ваквите пораки, Османи посочи дека „доколку имаме податоци за нарушување на Виенската конвенција, на правилата на однесување ќе постапиме и билатерално, меѓутоа во однос на политичките пораки коишто би ги пратиле до Руската Федерација сите тие одлуки ќе ги донесеме заедно во координација со ЕУ“.
Османи на брифингот информира и за иницијативата, која ја покренал за време на вонредниот министерски состанок на НАТО, на 4 март во Брисел, за обид за комуникација со рускиот народ и нивно повикување да се здружат во осуда и спречување на воената агресија во Украина. Иницијативата е споделена преку нон-пејпер од страна на МНР до останатите држави во рамки на ОБСЕ, НАТО и ЕУ.
– Нашиот став е дека треба да се охрабри таа комуникација не само кај нас, туку во сите држави во светот, бидејќи граѓаните ќе бидат жртва на економските санкции и изолацијата која светот ја прави кон Русија вели шефот на дипломатијата.
Тој информира дека оваа недела покренал и иницијатива за состанок со министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан во Скопје.
– Испратив писмо до моите колеги министри за надворешни работи на земјите на Западен Балкан со цел да бидат поканети на состанок во Скопје за да разговараме за вулнерабилноста на Западен Балкан визави оваа воена инвазија во Украина, предизвиците со кои може да се соочи регионот, можноста за бран на бегалци, подобра координација меѓу државите, можност да комуницираме во реално време во случај на каков било предизвик кој може да се случи во регионот. Се надевам дека шесте земји ќе можеме да го организираме овој состанок што побрзо во Скопје, рече Османи додавајќи дека веќе добиле позитивен одговор од Црна Гора.
Oд Украина досега се евакуирани околу 120 македонски државјани, од кои дел се украински државјани со нивни семејства, а вчера на граничниот премин Деве Баир пристигна група од десеттина граѓани, меѓу кои и семејството со новороденчето. Од нив, 20 ја напуштиле државата пред 24 февруари, пред започнување на конфликтот, во активна евакуација се 43 наши граѓани, на пат да излезат од Украина, а дел заминале во Полска или соседните земји и решиле да останат таму, со намера во прва прилика да се вратат повторно во Украина, затоа што во Северна Макеоднија немаат ништо, освен македонско државјанство.
-Минатата недела, МНР испрати дипломатска мисија во Украина со цел да ја олеснат евакуацијата на македонските граѓани. Околу 38 граѓани сè уште се во нивните живеалишта во Украина, од кои 11 во Киев, седум во Запорожје и 20 по другите градови, вели Османи.
По однос на приемот на бегалци, МНР побарало од институциите секој во својот дел да ги направи подготовките, вклучувајќи го и Министерството за здравство. Се очекува на седница на Влада да се најде првиот извештај на институциите за да може понатаму да се продолжи со другите чекори и подготовки по однос на ова прашање.
Околу 1,7 милион луѓе ја имаат напуштено Украина од почетокот на руската инвазија, покажуваат последните бројки на Високиот комесаријат за бегалци на ОН, УНХЦР. Во само еден ден, оваа бројка е зголемена за 200 илјади луѓе.
Милиони луѓе се очекува дека ќе ја напуштат земјата во следните денови „освен доколу нема итен прекин на овој бесмислен конфликт“, објави организацијата на Твитер.
УНХЦР порача дека одговорноста за бегалците од Украина во Европа треба да биде распоредена на поструктурален начин. Според шефот на УНХЦР, Филипо Гранди, руската инвазија врз Украина предизвика хуманитарна криза, а бегалците главно засолниште бараат во соседните земји, најмногу во Полска. -Одговорноста најмногу паѓа врз соседните земји, оттаму потребата од поструктуиран систем во рамките на ЕУ…Велика Британија, можеби и подалеку во САД и Канада и други земји, додаде Гранди.