ноември 24, 2024

Ескобар: Не смееме да дозволиме Русија да ја искористи војната за да го спречи напредокот на Западен Балкан

Заменик-помошникот државен секретар во Бирото за европски и евроазиски прашања на Стејт департментот, Габриел Ескобар изјави дека поради ситуацијата во која се најде Украина, треба да се удвојат напорите за да се постигне решение на Косово и да се стабилизира ситуацијата во БиХ.

– Ситуацијата во која се наоѓа Украина нè учи дека треба да ги удвоиме нашите напори за постигнување компромисен договор меѓу Косово и Србија и да ги запреме активностите што ја загрозуваат стабилноста и напредокот во Босна и Херцеговина, кажа Ескобар, според соопштението објавено на веб-страницата на американската амбасада во Србија.

Ескобар порача дека откако ќе се испише историјата на ова време, ќе се види дека изборот на Путин да изврши, неиспровоциран и неправеден напад со предумисла, само уште повеќе го обедини Западот, а Русија експоненцијално ја ослабна.

-Луѓето овој регион многу добро знаат колку е разорен воениот конфликт. Не смееме да дозволиме Русија да ја искористи војната која сама ја избра за да го спречи напредокот на Западен Балкан. Русија не се води од најдобри интереси за овие земји. Вашите економии се поврзани со Европа. Вашите најголеми трговски партнери и инвеститори се во ЕУ. И вашата иднина е да бидете во Европа како полноправни членки на ЕУ, кажа тој.

Американскиот дипломат посочи дека има уште многу да се направи на Западен Балкан – за економската интеграција на регионот, за одржливи компромиси и трајни решенија за нерешени гранични спорови.

-Нека оваа криза послужи на идните генерации овде во Западен Балкан да им се обезбеди да живеат во земји кои се целосно интегрирани во ЕУ, во целосна, слободна и мирна Европа. САД сакаат да бидат ваш партнер во тој напор. Ситуацијата во која се наоѓа Украина не учи дека треба да ги удвоиме напорите за постигнување компромисен договор меѓу Косово и Србија и да ги запреме активностите кои се закана за стабилноста и напредокот во Босна и Херцеговина, порача Ескобар.

Според него, војната на Русија против Украина го промени светот, а огромната поддршка за Украина во последните неколку дена е импресивна.

-Се приклучуваме на меѓународниот повик до сите земји, особено оние во Европа, да го поддржат меѓународното право и недвосмислено да ја отфрлат нелегалната инвазија што Русија ја изврши врз Украина, нејзиниот сосед. Земјите од Западен Балкан го слушнаа тој повик. Им оддавам почит што цврсто стојат покрај ЕУ и слободниот свет, истакна Ескобар.

Тој исто така нагласи дека Русија мора да сноси одговорност и дека на Украина мора да ѝ се помогне да ги протера „руските напаѓачки сили пред да има уште повеќе злосторства“, а конфликтот уште повеќе ја дестабилизира Европа. – Координираните акции на сојузниците и партнерите брзо го зголемија притисокот врз Владимир Путин. Украинските сили ја забавуваат руската инвазија и нанесуваат значителни жртви на руската армија. Нашите санкции ја исклучија Русија од глобалниот финансиски систем, а руската економија почнува да забавува. Агресијата на Путин против Украина скапо ќе ја чини Русија, и економски и стратешки. Рускиот народ заслужува подобро од нивната влада, а не висока цена што во иднина треба да ја плати поради оваа инвазија, додаде Габриел Ескобар.

Read Previous

ТикТок воведе забрана за објавување содржини од корисниците во Русија

Read Next

Русија објави прекин на огнот за неколку украински градови