Видео платформата ТикТок соопшти дека го прекинува објавувањето на нови содржини и стримањето во живо од Русија, со објаснување дека ги разгледува новите закони за „лажните вести“ во однос на руските вооружени сили, пренесува „Гардијан“.
Тоа значи дека корисниците во Русија ќе можат и понатаму да ја користат апликацијата, но само за прегледување на видеа и испраќање на пораки, не и за објавување. Овој драстичен потег доаѓа во време на тековната војна во Украина, која ескалира по инвазијата на руските трупи на 24 февруари.
Според новиот закон кој стапи на сила во Русија во петокот, секој што ќе објави вест за војската, а која ќе се смета дека е лажна, може да се соочи со затворска казна до 15 години. Меѓу другото, Кремљ се противи и на тоа конфликтот во Украина да се нарекува војна и наместо тоа го користи терминот „специјална воена операција“.
„Со оглед на новиот закон за „лажни вести“ во Русија, немаме друг избор освен да го прекинеме преносот во живо и новите содржини на нашата видео услуга додека ги разгледуваме безбедносните импликации на овој закон“, соопштија од ТикТок на Твитер.
Од апликацијата, која брои околу 36 милиони корисници во Русија, додаваат дека се одлучиле на овој потег и поради безбедноста на персоналот и корисниците.
ТикТок, која е во кинеска сопственост и има над 1 милијарда корисници ширум светот, беше критикувана дека не презема мерки против руската инвазија во Украина, за разлика од своите конкуренти Твитер и Мета, во чија сопственост се Инстаграм и Фејсбук.
Претходно, пристапот до Твитер и Фејсбук беше блокиран во Русија од страна на властите, поради рестрикциите што овие платформи ги воведоа во Евроспката Унија за про-владините руски медиуми.
„Модерирањето на социјалните мрежи за време на криза е доволно тешко, но да мора да се проверуваат соджините според новите драконски закони во Русија, ги става платформите во уште потешка позиција. Русија има многу креатори од висок профил кои заработуваат од ТикТок, така што можеме да очекуваме уште повеќе луѓе да бидат мотивирани да протестираат против новите закони за „лажни вести““, пишува аналитичарот на „Би-би-си“.
Во меѓувреме, „Нетфликс“ целосно ја блокираше својата стриминг услуга во Русија, откако претходно најави дека ги стопира сите руски проекти и дека одбива да ги емитува руските државни телевизиски канали.