ноември 22, 2024

Радев бара рокови и влез на Бугарите во Уставот

Потребен е јасен роковник за решавање на отворените политички прашања, порача бугарскиот претседател Румен Радев на средба со претставници на бугарски здруженија од земјава. Тој додаде дека доколку новите влади во Скопје и Софија ги занемарат политичките прашања, тоа порано или подоцна ќе доведе до блокирање на евроинтеграцијата.

„Настојувам впишувањето на македонските Бугари во Уставот на Република Северна Македонија подеднакво со другите народи, а со тоа и гарантирањето на нивните права, да биде задолжителен услов за давање согласност од страна на Бугарија за почеток на преговори“, рече Радев.

Претседателот на партијата од Скопје, Граѓанска демократска унија, Петар Колев истакна дека сега се решава дали македонските Бугарите ќе останат втора категорија граѓани. Тој рече дека бил во Софија да се увери во бугарските позиции, поради фактот што постоеле колебливи пораки од страна на бугарската Влада и дополни дека од Радев добил поддршка и за уште едно барање пред да отпочнат преговорите.

„Стана јасно дека продолжува да го поддржува и нашето барање за промена во учебниците и одразување на историската вистина таква каква што е“, вели Колев.

Во меѓувреме, од ВМРО-ДПМНЕ побараа премиерот Димитар Ковачевски да побара гаранции дека нема да има ново кочење на процесот со, како што велат, безброј нови барања.

„Имаме информации дека дејствијата на Ковачевски во процесот на преговори се многу подлабоки од менување на Уставот и внесување на Бугарите во Преамбулата. За оваа наша теза говори и фактот што се случи, а тоа е премиер кој води преговори да одбие национално единство“, рече Драган Ковачки – пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Додека опозицијата не верува во преговарачките позиции на власта која тврди дека не се преговара за јазикот, шефот на дипломатијата Бујар Османи ги седна на маса поранешните амбасадори во Софија и – како што соопштува МНР, побарал кохезија за клучните прашања од стратешки интерес на земјава.

Извор: zoom.mk

Read Previous

Мис Украина зеде пушка во раце: Атрактивната убавица се вклучува во борбите

Read Next

Сирени и експлозии пред зори во Украина