November 26, 2026

Тошковски најавува модернизација на полицијата, повисоки плати и подобар статус за полициските службеници

Најавите ги изнесе во гостувањето во емисијата „Само вистина“ на Канал 5, каде зборуваше и за реформите во МВР и за зајакнување на професионалноста во полицијата.

Тошковски посочи дека до крајот на годината полицајците треба да добијат нови, модерни униформи, додека во наредниот период се планира подобрување на возниот парк, работните објекти и условите во кои ги извршуваат службените задачи. Најави и нов колективен договор.

Во однос на платите, министерот рече дека веќе имало зголемување по доаѓањето на актуелната власт, а дополнителни усогласувања се вршат согласно законските механизми. Сепак, најави дека за полициските службеници во иднина ќе следуваат и нови покачувања.

Тој најави и построги механизми за контрола на работата на полицајците, нагласувајќи дека ќе се инсистира на професионалност, интегритет и одговорност. Посочи дека во МВР има службеници кои не ги исполнуваат професионалните стандарди и дека таквите состојби мора да се расчистат.

„За професионалците и за оние што се столбот на безбедносниот систем во Македонија, во иднина ќе има и зголемување на платите, и нови униформи, и повеќе возила, и подобри услови за работа, и подобри објекти, и нов колективен договор“, изјави Тошковски.

Read Previous

Северна Македонија прва од Западен Балкан го заврши техничкиот дијалог со ЕК за „Роаминг како дома“