Претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ денеска ја започнува дводневната официјална посета на Грција на покана на неговата грчка колешка Катерина Сакеларопулу и ќе оствари низа средби со грчкиот државен врв, јави дописничката на МИА од Атина.
Од кабинетот на црногорскиот претседател соопштуваат дека ова е прва официјална посета на Грција од обновата на независноста, а согласно објавената програма, Ѓукановиќ освен со Сакеларопулу, ќе се сретне и со грчкиот премиер Кријакос Мицотакис, со претседателот на Парламентот Константинос Тасулас со атинскиот градоначалник Костас Бакојанис, а ќе положи венец на гробот на генерал Васо Брајовиќ Мавровуниотис.
Ѓукановиќ синоќа пристигна во Атина, а на аеродромот беше пречекан од потпретседателот на грчката Влада Панајотис Пикраменос. Утрово, црногорскиот претседател на свечена церемонија со највисоки воени и државни причести, во претседателската палата ќе биде пречекан од претседателката на Грција.