Претседателот на Движењето Беса Биљал Касами на денешната прес-конференција истакна дека по се што се случило по локалните избори, неопходни се предвремени парламентрани избори што побрзо.
– Ние сме разговарале и во рамките на органите на партијата дека после локалните избори и се што се случи потоа со чудниот трансфер на пратеници, приклучување на политички партии само да си бидат дел од власт и за користење на сите придобивки на власта и со резултатите на политичките партии на последните локални избори, произлегува дека избори се неопходни што побрзо за волјата на граѓаните да биде таму каде што се одлучува во нивно име, рече Касами.
Одговарајќи на новинарско прашање дали ќе има лидерска средба за предвремени избори, Касами истакна дека доколку нема таква иницијатива од другите политички партии, Движењето Беса во соработка со другите политички партии ќе се договараат како ќе го спроведат тоа. – Сигурно дека тоа треба да има консензус во делот на предвремените избори, но во тој дел е потребно да се дискутира за да се дојде до решение кое е во интерес на граѓаните. Ако не се иницира од другите политички партии, во соработка со опозициските партии ќе договориме како тоа ќе го спроведеме. Ние во март ќе го одржуваме вториот конгрес и другата опозициска политичка партија Алијанса за Албанците има исто така во март има конгрес. Во овој период ќе бидеме сконцентрирани на реорганизација и засилување на нашите редови и како резултат на тоа, од април ќе договориме средба со сите опозициски политички партии – заеднички фронт за делегитимација на оваа власт, потецира Касами.