Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји во телефонски разговор со американскиот државен секретар Ентони Блинкен рече дека сите страни вклучени во прашањата околу Украина треба да останат смирени и да се воздржат од дејствија кои поттикнуваат тензии и криза.
„Безбедноста на една земја не може да биде на штета на безбедноста на другите земји, а регионалната безбедност не може да се гарантира со зајакнување или дури и проширување на воените блокови“, му нагласил Ванг на Блинкен, јавија американски медиуми. Во исто време, Блинкен ги истакнал глобалните безбедносни и економски ризици кои би можеле да произлезат од наводната натамошна руска агресија. „Секретарот Блинкен рече дека деескалацијата и дипломатијата се единствениот одговорен пат напред“, наведе портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс во соопштение.