ноември 22, 2024

Македонските Бугари со повик до Софија: Не тргувајте со нашите права, не правете отстапки

Македонските Бугари ги повикуваат бугарските власти да не прават никакви отстапки кон Скопје, ниту да тргуваат со ветото во замена за укинувањето на американските визи и прием во Шенген зоната, објави БГНЕС.

„Апелираме до вас: не правете никакви отстапки по прашањето за нашата еднаквост. Тоа не може и не смее да биде предмет на преговори, а неговата гаранција не може да биде празно ветување за неизвесна иднина. Уставната процедура за регистрација на македонските Бугари мора да започне веднаш и сега. Бугарите мора да бидат експлицитно, подеднакво споменати меѓу другите делови на народите во Уставот на РС Македонија“, повикуваат организациите на македонските Бугари.

Идејата за тргување со ветото на европската интеграција на Северна Македонија дојде од  лидерот на ИТН Слави Трифонов пред два дена, но брзо беше отфрлена од коалициските партнери во бугарската влада.

„Клучот за идното проширување на Европската унија мора да биде еднаквоста и благосостојбата на сите народи во регионот и на оние делови од нив кои, по основа на сложената балканска историја, сега живеат во соседните земји, меѓу други нации”, се наведува во заедничкото писмо на повеќе организации на македонските Бугари во Северна Македонија, испратено до бугарскиот претседател Румен Радев, премиерот Кирил Петков, претседателот на Народното собрание Никола Минчев и претседателите на пратеничките групи на политичките партии, пренесува Медиапул.

Македонските Бугари пишуваат дека се подготвени да работат за добробитта на својата држава, но како рамноправни граѓани, а не како граѓани од „втора категорија”. Според нив, тоа може да се случи само доколку добијат уставни гаранции за нивната рамноправност со другите народи, кои што се запишани во македонскиот устав.

Писмото, кое го објави бугарската агенција Бгнес, е потпишано од повеќе организации на Бугарите во С. Македонија од Скопје, Битола, Прилеп, Охрид, Кочани и други градови.

Read Previous

Казино во Македонија дава фалсификувани ковид-сертификати

Read Next

Спасовски: Сериозен успех на МВР во борбата против трговија со дрога