Шапката била неизоставен моден детаљ, првенствено кај мажите, а подоцна и кај жените, а најважно е дека ја имала моќта да говори наместо човекот, била симбол на самодовербата и цврстиот карактер на човекот.
Шапките на скопјани најпрво започнува да ги изработува мајстор Петар, во Старата скопска чаршија, во далечната 1952 година, во годините кога Чаршијата била центарот на трговијата. По него, приказната за шапкарството ја продолжуваат неговите синови, од кои едниот е шапкарот Илчо Трајковски.
Тој е наследник на шапкарскиот занает, што во дуќанот во Старата скопска чаршија ги чува тајните на овој занает. Во разговор за Агенција Анадолија (АА) Трајковски истакнува: „Занаетот не се учи, занаетот се краде.“
Зборувајќи за долготрајноста и квалитетот на шапките, шапкарот Илчо вели дека тајната е во природните материјали, потенцирајќи дека сè што е природно трае подолго.
„Во летниот период ги изработувам од чист памук и лен, а шеширите ги правиме од оризова слама, тоа се сламени шешири. Порано и да сакавме немаше синтетика. Зимските ги изработуваме од чиста волна, кашмир, филц, зајачко влакно, значи сè е природно.“
Дуќанот на браќата шапкари го посетиле многу странски туристи кои биле воодушевени од рачната изработка, а една од нив е и првата дама на Турција, Емине Ердоган, сопругата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Со години наназад, мајсторот Трајковски заедно со своите синови изработува шапки за важни личности од регионот, а шапкарот Илчо вели дека особено го радува тоа што во нивниот дуќан е изработен шеширот што го носи глумецот од светски размери Раде Шербеџија.
„Тука е правена капата на Александар Караѓорѓевиќ, на аѓутантот Бранко Мамула е правена тука, во овој дуќан. На разни пејачи, од осамостојувањето до денеска, тука сите имаат купено. Од Киро Глигоров, па сите останати дошле да купат. Затоа што знаат дека на овој ќош, дуќан за шапки имало во времето на Кралевина Југославија, за време на Титова Југославија, и денес, во самостојна Македонија. Значи овој ќош, отсекогаш служел за исто“, се присетува шапкарот.
Шапкарството е еден од занаетите што се родиле во Старата скопска чаршија, оставајќи свој белег, а сега полека се подготвува да замине, бидејќи се преостанати уште само два дуќани на шапкари.
Шапкарот Илчо раскажуваше за деновите кога го изучувал занаетот, со надеж дека некој од неговите внуци ќе има желба да продолжи да го чува и негува, бидејќи во нивното семејство овој занает претставува традиција.
На прашењето кој е главниот виновник за изумирањето на занаетите, сите веројатно би го посочиле прстот кон индустријализацијата, брзото производство или увозот, но шапкарот Трајковски тврди дека голема улога игра и незаинтересираноста на младата популација за изучувањето на занаетите.
„Од порано до сега има огромна разлика. Зошто ние како чираци сега станавме мајстори? Зошто слушавме и бевме дисциплинирани, а не како сега. Нас нè учеа ‘Кога ќе одиш синко во дуќан треба да имаш умисла да спечалиш’, а сега одиш во дуќан и цел ден си на интернет и на мобилниот телефон. Јас од 9 часот до 18 часот сум постојано на машина, ако влезе муштерија морам да станам за да го услужам и пак седнувам да работам“, истакна шапкарот Трајковски.
Убавината на Чаршијата е во тоа што таа им го подарила занаетот на луѓето, а со тоа им дала и живот и ги научила како заеднички да живеат.
Шапкарот Илчо на младите им порача доколку се во можност да научат некој занает, истакнувајќи дека добрата страна на занаетот е во тоа што „Тој ве запознава и поврзува со луѓето. Занаетот од вас создава човек кој ги почитува останатите, постарите луѓе и мајсторите, а најважно од сè е што ве учи да ги почитувате различните од себе.“
Извор: Агенција Анадолија (АА)