Неколку проекти кои добија грантови од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) беа под критика во јавноста поради поврзаност на фирмите со СДСМ или дека не се иновативни. Од ФИТР велат дека ни еден грант не е поврзан со јавни функционери и дека процесот на селекција има строги правила.
По најавата на Антикорупциска дека ќе отвори предмет за еден од доделените грантови и критиките од јавноста и од опозицијата за недомаќинско трошење на парите од Фондот за иновации и технолошки развој, ФИТР излегоа со објаснување за процесот на доделување на грантовите и исплата на средствата од повикот Стартапувај 3. ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека грантови добиле проекти на лица блиски до СДСМ или идеи кои не се иновативни.
Директорот на ФИТР, Коста Петров вели дека фондот е единствена институција во државата која има сертификат ISO: 31007 за борба против корупција. Сите апликанти пополнуваат формулар за сопственичка структура и кажуваат дали се јавни функционери или се поврзани со нив. Ако има поврзаност, како што рече Петров, тој документ се праќа до Транспаренси Интернешнел и се проценува ризикот од апликантот.
„Напоменувам за овој повик Стратапувај 3 ни еден апликант нема никаква поврзаност со било кој јавен функционер во државата“, рече Петров.