ноември 23, 2024

Нов Зеланд планира целосно да го забрани пушењето

Нов Зеланд ќе ја забрани продажбата на тутун на своите помлади генерации во обид на крајот целосно да се откаже од пушењето, пишува Би-Би-Си.

Никој роден по 2008 година нема да може да купува цигари или тутунски производи во текот на својот живот, според предлог-законот што треба да се донесе следната година.

„Сакаме да се погрижиме младите никогаш да не почнат да пушат“, рече министерот за здравство Др. Ајша Верал.

Овој потег е дел од сеопфатната борба против пушењето презентирана од Министерството за здравство на Нов Зеланд. Лекарите и другите здравствени работници во земјата ја поздравија оваа „водечка во светот“ реформа која ќе го намали пристапот до тутун и ќе го ограничи нивото на никотин во цигарите.

„Ова ќе им помогне на луѓето да се откажат од пушењето или да се префрлат на помалку штетни производи и да се намали веројатноста младите да станат зависни од никотин“, вели професорката Џенет Хук од Универзитетот во Отаго.

Нов Зеланд е решен да ја постигне целта за намалување на националната стапка на пушење на 5 проценти до 2025 година, со цел конечно целосно да се елиминира употребата на тутун.

Во моментов, околу 13 отсто од возрасните во Нов Зеланд пушат, што е помалку од 18 отсто кои пушеле пред околу десет години. Но, стапката на пушачи е многу повисока – околу 31 процент – кај домородното население Маори, кое има повисока стапка на морбидитет и смртност.

Read Previous

Уставен суд пресуди во корист на „Бехтел и Енка“, Артан Груби им се заблагодари на судиите

Read Next

Констатирани оставките на Хоџа, Шабани и Сулејмани од БЕСА