На Волстрит берзанските индекси достигнаа нови највисоки нивоа во историјата додека инвеститорите ги чекаат одлуките на лидерите на американската централна банка за намалување на монетарните стимулации. Dow Jones зајакна за 138 поени, или 0,39 отсто, на 36.052 поени, додека S&P 500 порасна за 0,37 отсто, на 4.630 поени, а индексот Nasdaq порасна за 0,34 отсто, на 15.649 поени.
Dow Jones достигна рекордно високо ниво трет ден, а S&P 500 и Nasdaq индексот четврти ден по ред бидејќи кварталните деловни резултати на компаниите беа подобри од очекуваните. Досега, приближно 320 компании во индексот S&P 500 објавија резултати, при што околу 82 проценти остварија поголема заработка од проценетата.
Аналитичари сега проценуваат дека заработката на компаниите и банките од индексот S&P 500 пораснала за 40,2 отсто во третиот квартал во однос на истиот период лани, додека на почетокот на октомври очекувале раст од 29,4 отсто. Инвеститорите ќе се фокусираат денеска на одлуките и пораките на челниците на американската централна банка, по нивната редовна дводневна седница. Се очекува лидерите на ФЕД да го одобрат планот за намалување на програмата за откуп на обврзници од 120 милијарди долари месечно, што ја поддржа ликвидноста, а со тоа и раст на пазарот на капитал од почетокот на пандемијата на коронавирус. Инвеститорите внимателно ќе ги следат пораките во врска со клучните каматни стапки и инфлацијата. Повеќето аналитичари веруваат дека ФЕД ќе почне да ги зголемува каматните стапки во втората половина на следната година и би можел да ги зголеми во два наврата.