Северна Македонија и Косово потпишаа меморандум за разбирање, со цел зајакнување на институционалната соработка и размена на искуства и добри практики во областа на јавната администрација, во рамките на меѓународната конференција „KosovaPAR 2026“, која се одржува во Приштина.
Министерот за дигитализација и јавна администрација Лулезон Јагџиу изјави дека Косово и Северна Македонија имаат пријателски односи и добрососедска соработка, изградени врз основа на меѓусебно почитување и заеднички европски аспирации.
Јагџиу рече дека двете земји се соочуваат со слични предизвици и имаат заеднички приоритети за изградба на професионална, ефикасна и администрација ориентирана кон граѓаните.
„Преку овој меморандум имаме цел да ја зајакнеме институционалната соработка и да разменуваме искуства и добри практики во неколку важни области, вклучително и управувањето со човечките ресурси, професионалниот развој на јавните службеници, управувањето со институционалните перформанси и модернизацијата на системите за управување со човечките ресурси“, истакна Јагџиу.
Тој рече дека меморандумот нема да се ограничи само на размена на искуства меѓу двете земји, туку ќе создаде можности и за размена меѓу експерти, заеднички обуки, студиски посети и изнаоѓање практични решенија за заедничките предизвици.
Министерот за јавна администрација на Северна Македонија, Горан Минчев, изјави дека е уверен оти овој меморандум ќе создаде добра основа за различни конкретни активности, поблиска институционална соработка и вложување во луѓето што секојдневно ја носат одговорноста за функционирањето на јавната администрација.
Минчев рече дека зад секоја институција стојат луѓето и дека токму нивните компетенции и професионализам ја прават разликата.
„Со споделувањето на искуствата учиме едни од други и применуваме добри практики, со што создаваме нови можности за подобри институции и поквалитетни јавни услуги. Реформите не треба да останат само на хартија. Нивната цел и вредност се гледаат и во промените што ги внесуваме во секојдневниот живот на граѓаните“, истакна Минчев.
Конференцијата „KosovaPAR 2026“ годинава се одржува под темата „Јавна вредност и заедничко добро: Луѓето, довербата и дигитализацијата“. Таа собра домашни и меѓународни институционални претставници, министри, експерти и развојни партнери, кои дискутираат за иднината на јавната администрација, довербата во институциите и улогата на дигитализацијата.


