Недоволната заштита, недостигот од инспектори и слабата превенција продолжуваат да ја загрозуваат безбедноста на работниците во земјава. Секоја година се регистрираат околу 2.000 повреди при работа, а меѓу 20 и 30 работници ги губат животите на работното место, предупредуваат синдикатите, оценувајќи дека состојбата со безбедноста и здравјето при работа со години не бележи значително подобрување.
Овие проблеми беа во фокусот на настанот организиран по повод Европската недела за безбедност и здравје при работа 2026, на кој беа доделени и Националните награди за најдобро имплементиран систем за безбедност и здравје при работа.
Претседателот на Синдикатот за градежништво и планирање и потпретседател на Сојузот на синдикатите на Македонија, Иван Пешевски, оцени дека и покрај долгогодишните предупредувања, бројот на повреди и смртни случаи на работните места не се намалува значително. Според него, дел од работодавачите сè уште ја третираат безбедноста како трошок, наместо како неопходна инвестиција во работниците и во создавањето достоинствени услови за работа.
„Секоја година се повторуваме, но никако да се поправиме во делот за безбедност и здравје при работа“, истакна Пешевски, нагласувајќи дека зад бројките стојат човечки судбини и семејства кои остануваат без своите најблиски.
Тој предупреди дека ниските плати и лошите услови за работа ги принудуваат дел од работниците да прифаќаат дополнителни ангажмани и прекувремена работа, вклучително и за време на викенди и празници. Заморот, недостигот од соодветна заштитна опрема и употребата на неисправна или несоодветна механизација дополнително го зголемуваат ризикот од несреќи.
Според Пешевски, за подобрување на состојбата се потребни поголема одговорност од работодавачите и институциите, но и поголема информираност на работниците за нивните права. Тој ги повика вработените да ги пријавуваат опасните услови и да не прифаќаат работни задачи со кои се загрозуваат нивното здравје и живот.
Посебно го истакна проблемот со недоволниот број инспектори и ограничените капацитети на инспекциските служби. Како што посочи, контролите треба да бидат редовни и превентивни, а не да се преземаат дури откако ќе се случи несреќа.
„Инспекциите треба да бидат на терен и да не чекаат некој да се повреди, туку да проверуваат, да прават контроли и веднаш да затворат ако видат дека нешто е ризично“, порача Пешевски, додавајќи дека санкциите треба да одговараат на тежината на прекршувањата.
Тој укажа и на недоволното евидентирање на професионалните заболувања, како и на практиката одговорноста за несреќите да се префрла врз работниците. Според него, неопходно е државата поефикасно да ги обврзе работодавачите да обезбедат соодветна заштитна опрема, исправна механизација и безбедни услови за работа.
Безбедноста на работното место добива дополнително значење и со дигитализацијата и модернизацијата на работните процеси, кои носат нови предизвици за здравјето на вработените. Пораките од настанот ја нагласуваат потребата од системски мерки, посилна превенција и координирана одговорност на институциите, работодавачите и работниците, со цел да се намалат повредите и да се спречат нови трагедии на работните места.


