ноември 22, 2024

Штрајк во училиштата во Србија

Вработените членови на Синдикатот за образование на Србија денеска ќе одржат предупредувачки штрајк, така што нема да се одржи првиот час во прва и во втора смена во училиштата.

Во соопштението на Синдикатот се наведува дека барањето на штрајкувачите е српската влада да почне да го применува Законот за плати на вработените во јавниот сектор од 1 јануари 2022 година. Доколку не почне примената на тој закон, за сите вработени во образованието платите да бидат зголемени за 15 отсто.

Синдикатот за образование на Србија бара и изедначување на цената на трудот за сите дејности во образованието, формирање паралелки со помал број ученици во основните и во средните училишта, како и стручни соработници и ненаставен кадар финансиран сразмерно на број на часови.

„Вработените во образованието речиси две години работат во тешки пандемиски услови и го одржуваат образовниот процес во вонредни околности. Не е познат бројот на болни вработени и ученици, а Владата и Министерството за образование, наука и технолошки развој се глуви на апелите на синдикатот дека просветните работници се материјално и професионално понижени“, се вели во соопштението.

Read Previous

ВИДЕО: Скандал во училиште во Бутел, наставник удира и крева дете, случајот пријавен во полиција

Read Next

Работилница за анимација за инклузија на деца со попреченост