Премиерот Зоран Заев синоќа по затворањето на националниот попис објави дека СДСМ успеал по 20 години да ја спроведе статистичката операција и при тоа наведе дека ВМРО-ДПМНЕ не успеала тоа да го направи во претходното долгогодишно владеење.
„После 20 години, имаме УСПЕШЕН попис! Заврши пописот – попишани се преку 99% од граѓаните, попишани се околу 1 милиони и 860 илјади граѓани, околу 570.000 домаќинства и околу 840.000 станбени единици. Нека ни е честито, покажавме кој има капацитет, а кој нема. Да сме горди на себе – за само три години, тоа што било невозможно со децении, денес го имаме во нашите раце: во едната рака ни е НАТО, во другата рака – успешен попис. Нека е аирлија!“, објави претседателот на СДСМ.
Обработката на податоците од пописот ќе трае шест месеци, односно резултатите ќе бидат објавени од Државниот завод за статистика во март следната година.