ноември 23, 2024

Прва доза вакцина примиле помалку од една третина од граѓаните на возраст од 18 до 39 години

Гостивар со 33,4 отсто, Дебар со 34,1 отсто и Струмица со 34,8 отсто се општините во земјава кои имаат најмал процент на вакцинираност на населението против ковид-19. Загрижувачка стапка под 40 отсто вакцинирани лица барем со прва доза вакцина имаат и Куманово, Виница, Кратово и Радовиш. Ова го покажуваат бројките на Министерството за здравство, кои велат дека заклучно со 26-ти септември, со една доза на вакцина против ковид-19 се вакцинирале 46,9 отсто од населението над 18 години во земјава.

Покрај големите разлики меѓу одредени општини во земјава, постои и возрасен јаз помеѓу лицата кои примиле вакцина. Кај лицата над 40-годишна возраст опфатот со една доза изнесува 55 отсто, додека кај лицата помеѓу 18-39 години опфатот со една доза на вакцина е 31 отсто.

И според последните податоци, најмногу вакцинирани граѓани со прва доза има во градовите Охрид (63,9 отсто), Кавадарци (64,3 отсто), Гевгелија (61,4 отсто) и Неготино (65,1 отсто).

Помеѓу 50-60 отсто опфат на вакцинирано население со прва доза има во градовите Битола, Демир Хисар, Ресен, Велес, Берово, Пехчево, Прилеп, Крушево, Валандово, Штип и Пробиштип. Помеѓу 40-50 отсто опфат на вакцининирани граѓани има во градовите Кичево, Свети Николе, Кочани, Делчево, Крива Паланка, Струга, Македонски Брод, Скопје и Тетово.

„Во тек е вакцинација во постоечките вакцинални пунктови во државата, каде граѓаните може да се вакцинираат без да закажат термин. Вакцини има доволно и истите се достапни за сите што сакаат да се вакцинираат“, велат од Министерството за здравство.

Тие додаваат дека вакцините против ковид-19 штитат од смртен исход и спречуваат натамошно ширење на вирусот.

„Ги повикуваме сите кои досега не се вакцинирале, да го направат тоа во најскоро време и на еден од најблиските пунктови до местото на живеење“, се наведува во соопштението на Министерство за здравство.

Мета.мк

Read Previous

Бектеши: Туристичката сезона беше успешна

Read Next

МТСП: Во тек е етапната исплата на септември пензии