Претседателот на Владата на Северна Македонија Зоран Заев ја прими амбасадорката на Швајцарската Федерација, Сибил Зутер Техада во проштална посета, посебно истакнувајќи ја нејзината посветеност, искреното пријателството и поддршка на проекти, кои го подобруваат животот на граѓаните.
Двајцата соговорници на средбата особено ја истакнаа важноста на Програмата за соработка со Северна Македонија 2021-2024 година на Швајцарија, каде се препознаени истите приоритети како и оние на Владата и тоа создавање работни места, одржлив раст и дигитализација.
Премиерот Заев посебно ја оцени личната ангажираност на амбасадорката Зутер Техада, и ѝ предаде благодарница за посебен придонес во одржувањето на одличните билатерални, пријателски односи меѓу двете земји и за континуираната реализација на многубројните заеднички проекти, со фокус на борбата против корупцијата, социјалната заштита, родовата еднаквост, подобрување на економската положба на работниците, создавање услови за зголемување на вработеноста и намалување на сивата економија, како и реформите од областа на заштитата на животната средина, реформи во административното работење и демократскиот развој на нашата држава.
Амбасадорката на Швајцарската Федерација изрази поддршка за остварување на стратешката определба на Северна Македонија за интеграција во Европската Унија и за важноста на регионалната соработка од аспект на ЕУ перспективата на нашиот регион.
Соговорниците ја оценија билатералната соработка меѓу двете земји како извонредна, изразувајќи заедничка подготвеност да продолжи реализацијата на заедничките проекти со уште поголеми резултати од интерес на граѓаните и севкупен просперитетот на државата.