ноември 22, 2024

Лабораторијата за животна средина добива уред за мерење на загадување на воздухот од стационарни извори

Министерството за животна средина и просторно планирање склучи договор со две компании од Скопје за набавка на мерни инструменти за Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух (ДАМСКАВ) и за Централната лабораторија за животна средина која набавува преносен анализатор за мерење на концентрација на емисии на гасови од стационарни извори на загадување. Новиот уред на лабораторијата, според инфомациите од јавната набавка, ќе мери присуство на азотни оксиди, сулфур диоксид, јаглероден моноксид и диоксид и кислород во отпадните гасови од стационирани извори.

Вредноста на набавката е 6,7 милиони денари, а компаниите ќе треба да ги достават инструментите во рок од шест месеци. Во овој временски период, новите инструменти ќе бидат инсталирани и тестирани во повеќе мерни станици каде што има потреба. Нови инструменти ќе добијат станиците за мониторирање на квалитетот на воздухот во Велес, Миладиновци, Кочани и Струмица. Во истиот период ќе треба да се монтира и преносниот уред во Централната лабораторија.

Со оваа набавка Министерството го започна процесот на сертификација на Централната лабораторија за мерења на емисии во воздухот. Оваа институција има сертификат за системот за квалитет според стандардот ISO 17025 за акредитирана лабораторија и минатата година го заврши процесот на акредитација за шест методи за квалитет на вода и една методa за бучава.

Од министерството пред два месеци најавија и дека лабораторијата ќе се сертифицира за повеќе од една метода за мерење на загадувањето на воздухот. Оваа можност за државната лабораторија е едно од најчесто повторуваните барања на еколошките организации, кои долго време апелираат дека борбата со загадениот воздух во повеќе градови низ земјава е можна само со редовна контрола на емисиите.

Екологистите бараа да се забрза процесот на акредитација на Централната лабораторија за мерења на квалитетот на воздухот, за да се помогне во работењето на Државниот инспекторат за животна средина во документирањето на случаите на аерозагадување.

Лабораторијата, иако постои повеќе од четири децении, не е целосно во функција на работата на Инспекторатот, од причина што нејзините мерења на разни параметри на загадувањето не можат да се сметаат за цврст доказ, посебно во судските постапки против загадувачите.

Read Previous

Бензините поскапуваат за еден денар, а цената на дизелот останува иста

Read Next

Милошоски: Ќе доставиме предлог до Собранието за разрешување на Филипче