Нелегален риболов е откриен во водите на Охридското Езеро, во близина на Пештани, каде полициски службеници пронашле рибарски мрежи со улов од вкупно 239 парчиња риба.
Како што информираат надлежните, контролата била спроведена на 15 ноември од страна на полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“, при Регионалниот центар „Запад“.
При патролирањето биле пронајдени мрежи со вкупна должина од околу 100 метри, во кои имало 239 парчиња охридска белвица и риба од друг вид, со вкупна тежина од 24 килограми и 550 грама. Пронајдени биле и повеќе парчиња разновиден риболовен алат.
По насоки на јавен обвинител, мрежите, рибата и риболовниот алат биле одземени за понатамошна постапка. За случајот бил известен и надлежниот инспектор за рибарство од Државниот инспекторат за земјоделие.


