Стотици граѓани од земјава биле оштетени во измама со лажна интернет-платформа за инвестирање, преку која им биле ветувани високи добивки што никогаш не биле реализирани. За случајот, Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика поднел кривична пријава против две лица – 56-годишна жена од Битола и 38-годишно лице од Естонија.
Пријавата е поднесена до Основното јавно обвинителство Битола поради сомнение за сторено кривично дело „измама“ според член 247 од Кривичниот законик.
Според информациите од МВР, измамата се одвивала во периодот од декември 2025 до април 2026 година. Преку мобилна апликација и канал со неколку стотици претплатници, осомничените ги убедувале граѓаните да вложуваат пари на лажна интернет-платформа, ветувајќи им наводни финансиски добивки. Ветените приноси не биле исплатени, а граѓаните претрпеле значителна финансиска штета.
До Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика досега биле доставени пет пријави од оштетени граѓани. Сепак, анализата на финансиските извештаи од трансакциската сметка на првопријавената покажала дека бројот на измамени лица е многу поголем и дека станува збор за стотици граѓани, од кои најголем дел не го пријавиле случајот.
Истрагата траела неколку месеци, а во неа биле вклучени и домашни и странски институции. Во рамки на постапката бил извршен информативен разговор со првопријавената, а биле одземени и електронските уреди што ги користела за комуникација преку апликацијата.
Форензичката анализа на податоците извлечени од уредите обезбедила докази за кривичното дело. Дополнително, по стручна анализа на криптотрансакциите, преку меѓународни безбедносни платформи биле обезбедени информации за сопственикот на криптопаричникот, со што бил расветлен и меѓународниот аспект на случајот.
Од Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика предупредуваат дека е во пораст бројот на вакви измами и апелираат граѓаните да бидат внимателни со понудите за лесна и брза заработка преку интернет.
Оттаму посочуваат дека измамниците често користат социјални мрежи, лажни профили и телефонски повици за да ги убедат граѓаните да инвестираат во криптовалути, ветувајќи им високи и сигурни приноси. Притоа, ги насочуваат кон лажни инвестициски платформи кои можат да изгледаат целосно легитимно.

