October 30, 2026

Турските претставништва во регионот организираа приеми по повод 103-годишнината од Република Турција

Во земјите од Балканот беше одбележана 103-годишнината од основањето на Република Турција и 29 Октомври – Денот на Републиката, со свечени приеми организирани од турските претставништва, јавува Анадолу.

103-годишнината од основањето на Република Турција во Северна Македонија беше одбележана со прием организиран од Амбасадата на Турција во Скопје.

На приемот, организиран во резиденцијата на Амбасадата, присуствуваа претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, претседателот на Собранието, Африм Гаши, министри, пратеници, градоначалници, претставници на политички партии, претставници на институции и организации од Турција и Северна Македонија, како и бројни други гости.

Во своето обраќање, амбасадорот Алпер Акташ истакна дека Северна Македонија и Турција се пријателски земји и сојузници, заблагодарувајќи им се на присутните за учеството.

Нагласувајќи дека 2026 година е исклучително плодна во однос на билатералните односи меѓу Турција и Северна Македонија, Акташ рече: „Со нашата заедничка решителност, цврсто сме определени оваа силна соработка да ја подигнеме на уште повисоко ниво“.

– Албанија –

Во главниот град на Албанија, Тирана, беше организиран прием чиј домаќин беше турскиот амбасадор Бариш Џејхун Ерџијес.

На приемот присуствуваа претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, министерот за Европа и надворешни работи, Ферит Хоџа, министерот за внатрешни работи, Ервин Демо, министерот за одбрана, Ермал Нуфи, министерката за економија и иновации, Делина Ибрахимај, претставници на албанските вооружени сили, претставници на турските и албанските институции и организации во земјата, како и други гости.

За време на приемот беа интонирани националните химни на двете земји. Исто така, беше прикажана пораката на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.

Во своето обраќање, амбасадорот Ерџијес рече дека Турција и Албанија имаат историски односи.

Заблагодарувајќи им се на присутните за учеството, Ерџијес рече: „Албанија е наш стратегиски партнер, наш сојузник во НАТО и наш близок пријател“.

– Косово –

Во главниот град на Косово, Приштина, приемот беше организиран под покровителство на амбасадорот Бабур Хизлан, отправник на работите во Амбасадата на Турција во Приштина.

На приемот присуствуваа претседателката на Косово, Јустина Широка Пуља, вицепремиерот на Косово и претседател на Демократската турска партија на Косово (КДТП), Фикрим Дамка, како и министри, пратеници, градоначалници, претставници на политички партии, претставници на турските институции што дејствуваат во земјата и бројни гости во име на турската заедница во Косово.

Настанот започна со интонирање на националните химни на Турција и Косово, по што Хизлан ја прочита пораката на претседателот Реџеп Таип Ердоган по повод 29 Октомври – Денот на Републиката.

Во своето обраќање, Хизлан со благодарност се потсети на Мустафа Кемал Ататурк и неговите соборци.

Претседателката на Косово, Широка Пуља, истакна дека Турција е стратегиски партнер и важен сојузник на нејзината земја, нагласувајќи дека односите меѓу двете земји се засноваат на меѓусебна почит и волја за продлабочување на соработката во различни области.

Широка Пуља ѝ се заблагодари на Турција за помошта што му ја дава на Косово во различни области и го честиташе Денот на Републиката на Турција.

Свеченоста заврши по послужувањето храна и пијалаци за присутните.

Read Previous

Српска банка демантира обид за изнесување милијарда динари, во наводите беше споменато и Скопје

Read Next

Стотици граѓани од Македонија оштетени во измама со наводни инвестиции во криптовалути