September 30, 2026

Хартиените потврди за регистрација на возила повеќе нема да се користат во БиХ


Граѓаните на Босна и Херцеговина во наредниот период очекуваат големи промени во однос на регистрацијата на возила, сообраќајните документи, увозот на автомобили, како и обуката и полагањето возачки испит, пишува Klix.ba.

Најголемата новина за сите возачи ќе биде укинувањето на досегашната хартиена сообраќајна дозвола, која мораше секоја година да се заверува и да се става печат на шалтерите. Таа ќе биде заменета со трајна пластична картичка од поликарбонат, со исти димензии и изглед како личната карта или возачката дозвола, а ќе ја изработува Агенцијата за идентификациски документи, евиденција и размена на податоци (IDDEEA).

Бројни безбедносни и технички карактеристики на картичката

Според предложениот изглед на новата „Потврда за регистрација на возило“, картичката ќе содржи низа современи безбедносни и технички елементи на предната и задната страна:

Ќе има вграден чип и безжична (контактлес) технологија за брзо читање на податоците.

Меѓу заштитните елементи ќе бидат холограм со државни симболи, УВ-заштита, микротекст, тактилни елементи и ласерско гравирање.

На задната страна ќе има QR-код, кој ќе овозможи дополнителна автентикација и брз пристап до податоците.

Се укинува сопственичката книшка

При годишното продолжување на регистрацијата, податоците ќе се ажурираат исклучиво во електронскиот систем, без потреба граѓаните да ја носат картичката на шалтер за физичко ставање печат. Новата картичка ќе се менува само во случај на промена на сопственикот на возилото.

Покрај тоа, целосно се укинува сопственичката книшка, а сопственоста на возилото во иднина ќе се докажува со посебна потврда издадена од Министерството за внатрешни работи.

Постапката за регистрација значително ќе се поедностави бидејќи граѓаните повеќе нема да мора физички да приложуваат доказ за технички преглед или полиса за осигурување. Министерството за внатрешни работи и надлежните институции автоматски ќе ги проверуваат сите овие податоци преку заеднички дигитален систем.

Исто така, се укинува обврската за поднесување оригинални царински декларации, фактури од странство и нивни преводи при докажување на потеклото на возило купено од овластен дистрибутер.

Промени поврзани со налепниците за регистрација

Се менува и концептот на налепниците за регистрација, чија цена останува непроменета и изнесува 5 КМ (2,56 евра). Сините налепници ќе бидат наменети за возила во сопственост на поединци и приватни компании, додека црвените налепници ќе ги носат службените возила финансирани од буџетот на БиХ.

Со скенирање на QR-кодот на црвената налепница, граѓаните ќе можат точно да проверат на која институција, општина, кантон или ентитет му припаѓа одредено службено возило. Налепниците ќе содржат и RFID-чип (радиофреквентен чип), наменет за идни дигитални услуги, како што се автоматска наплата на патарина или паркирање. Воведувањето на новиот систем на картички и налепници е планирано за 1 јануари 2028 година.

Read Previous

Грејната сезона ќе започне на 15 октомври

Read Next

Обвинителството ги заврши доказите за Кочани, на ред е одбраната – предложени 244 сведоци