Во изминатите десет години земјоделските површини во Северна Македонија се намалиле за околу 2,5 отсто – од 1.264.408 хектари во 2015 година на 1.233.099 хектари во 2025 година.
Иако речиси половина, односно околу 48 отсто од вкупната територија на земјата е земјоделско земјиште, само 40 отсто од него е обработливо, додека 60 отсто отпаѓаат на пасишта.
Во структурата на обработливото земјиште доминираат ораниците и бавчите со околу 80 отсто, додека ливадите учествуваат со околу 12 отсто, лозјата со 4 отсто, а овоштарниците со 3 до 4 отсто. Во периодот од 2015 до 2025 година нема поголеми структурни промени. Најголем раст е забележан кај овоштарниците, од 0,3 процентни поени, додека кај лозјата е регистрирано мало намалување од 0,2 процентни поени, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Пченицата е најзастапена култура, со 24,6 отсто, односно 65.648 хектари од вкупната засеана површина во минатата година. Заедно, пченицата, јачменот и пченката зафаќаат 51,1 отсто од целокупното засеано земјиште.
Луцерката е главната фуражна култура со 6,7 отсто, додека тутунот останува значајна индустриска култура со 5,9 отсто од површините. Кај зеленчукот, најголеми површини зафаќаат компирот со 4,3 отсто и пиперката со 3,4 отсто.
Во периодот од 2015 до 2025 година се забележуваат значителни промени и кај засеаните површини и кај приносите. Генерално, се намалиле површините засеани со житни култури и со дел од градинарските култури, но кај повеќето култури приносот по хектар е зголемен.
Така, земјоделството во 2025 година произведува повеќе со помалку земјиште, бидејќи кај дел од најзначајните култури, особено пченицата, јачменот, компирот и пиперката, повисоките приноси го надоместиле намалувањето на обработените површини.
Површините засеани со пченица се намалиле за 11 отсто, но производството пораснало за 27 отсто, благодарение на повисокиот принос. Кај јачменот е забележан најголем раст меѓу житните култури – засеаните површини се зголемиле за 5 отсто, а производството и приносот за повеќе од 50 отсто.
Оризот, од друга страна, бележи значителен пад и кај засеаните површини, за 39 отсто, и кај производството, за 37 отсто.
Пиперката е најуспешната градинарска култура. Во изминатите години засеаните површини се зголемиле за 5 отсто, додека приносот е зголемен за околу 5 тони по хектар. Доматите и краставиците, пак, бележат значителен пад на производството.
Пченицата за десет години изгубила повеќе од 8.000 хектари. Од 73.979 хектари засеани во 2015 година, површината во 2025 година се намалила на 65.925 хектари.
Пченката во истиот период изгубила речиси 5.000 хектари. Од 31.807 хектари во 2015 година, засеаната површина во 2025 година се намалила на 26.960 хектари.
И покрај намалените површини, производството на пченица е зголемено за 55.000 тони во однос на 2015 година, благодарение на значително повисокиот принос. Тоа претставува раст од 27 отсто – од 201.218 тони во 2015 година на 256.199 тони во 2025 година.
Сличен тренд има и кај компирот. Иако засеаната површина се намалила за 14 отсто, приносот се зголемил за 7,6 отсто. Од 189.408 тони компири произведени во 2015 година, производството во 2025 година достигнало 203.758 тони.
Кај пиперката, пак, е забележан раст на засеаните површини од 4,5 отсто – од 8.622 хектари во 2015 година на 9.033 хектари во 2025 година. Приносот е зголемен за речиси 30 отсто, од 189.443 тони произведени пиперки во 2015 година на 244.043 тони во 2025 година.
Најголем пад на производството е регистриран кај краставиците. Од 66.830 тони во 2015 година, производството е преполовено и во 2025 година изнесувало 32.536 тони. Во исто време, засеаните површини се намалиле за околу 11 отсто.
Значителен пад на производството, од повеќе од една третина, има и кај доматите. Од 173.434 тони произведени во 2015 година, производството во 2025 година се намалило на 112.645 тони.
Најголем раст на приносот е забележан кај пиперката – за повеќе од 5.000 килограми по хектар. На еден хектар засеан со пиперки во 2015 година се добивале 21.985 килограми, додека во 2025 година приносот достигнал 27.017 килограми.
Значителен раст, од повеќе од 3.000 килограми по хектар, е забележан и кај компирот, со зголемување од 3.632 килограми по хектар, и кај кромидот, со раст од 3.431 килограм по хектар.
Кај доматите, од друга страна, е забележан пад на приносот од речиси 10.000 килограми по хектар. Од 30.740 килограми по хектар во 2015 година, приносот се намалил на 20.945 килограми во 2025 година.
Намален е и приносот на краставиците. Во споредба со 2015 година, минатата година тој бил понизок за повеќе од 20.000 килограми по хектар. Најзначителен пад е забележан во последните три години – од околу 47.000 килограми по хектар во 2022 година на околу 29.000 килограми по хектар во 2025 година.


