На самитот „Конкордија“ во Њујорк, премиерот Христијан Мицкоски говореше за долгогодишниот процес на евроинтеграција на Северна Македонија, притоа посочувајќи на, како што рече, пречките со кои земјата се соочува на патот кон Европската Унија. Мицкоски учествуваше на панел со грузиската заменик-премиерка и министерка за надворешни работи Мака Ботчоришвили.
Тој оцени дека кај македонските граѓани постои голема фрустрација поради долгото чекање за напредок во евроинтеграциите, потсетувајќи дека процесот започнал пред речиси две и пол децении.
„Ние го почнавме нашето патување пред речиси две и пол децении. И, за жал, поради некои вештачки причини, не успеавме да станеме дел од ЕУ. Веројатно, еден ден ќе го постигнеме овој камен темелник“, рече Мицкоски.
Според него, во изминатиот период земјата направила повеќе отстапки, меѓу кои ги наведе промените на знамето, Уставот и уставното име.
„Фрустрацијата кај македонските граѓани е огромна бидејќи во минатото направивме премногу отстапки: го сменивме знамето, Уставот го сменивме неколкупати, дури го сменивме и уставното име и сето тоа ни изгледа како приказна без крај“, изјави премиерот.
Мицкоски додаде дека Северна Македонија, и покрај долгото чекање, останува посветена на европскиот пат.
„Ние веруваме во европските вредности и ќе продолжиме така за конечно да најдеме излез од оваа заклучена ситуација во која се наоѓаме сега. Очигледно мораме да чекаме, но не само што чекаме, туку и правиме нешто. Се градиме и развиваме“, рече тој.
Во продолжение на своето обраќање, Мицкоски се осврна и на прашањето на идентитетот, велејќи дека за неговата генерација европските интеграции биле поврзани со реформи на институциите, а не со промена на идентитетот.
„За нас, за мојата генерација, преговорите со ЕУ беа еден вид начин да се променат институциите – не да се промени идентитетот“, рече Мицкоски.
Тој оцени дека, како што рече, некои земји членки на ЕУ се обидуваат билатерални прашања да ги поврзат со процесот на европска интеграција на земјата.
„За жал, има некои земји членки што се обидуваат да решат некои билатерални прашања и не да ги променат нашите институции, туку да го променат нашиот идентитет“, изјави премиерот.
Мицкоски порача дека земјата ќе продолжи да бара решение за блокадите во процесот, истовремено нагласувајќи дека според него нема подобра алтернатива од европскиот пат.


