September 1, 2026

Морбилите се шират во соседните земји – само 62 отсто од децата во Македонија се вакцинирани

Вакцина против морбили има, но интересот кај родителите е многу низок. Министерот за здравство, Сашо Клековски, упати апел до нив да ги вакцинираат децата против морбили, по зголемувањето на бројот на случаи во соседните земји. Според податоците на Институтот за јавно здравје, опфатот со МРП вакцината во земјата е само 62 отсто, што е многу далеку од потребните 95 отсто за колективен имунитет.

„Во моментов се зголемува бројот на заболени од морбили во Косово и во Бугарија! Така што имаме причина да започнеме поинтензивно и ќе се обидеме во наредните денови и недели преку различни активности да ги мотивираме граѓаните да ги вакцинираат децата против морбили. Односно да се зголеми бројот на имунизираните, со цел да спречиме можна епидемија на морбили во Македонија.“, порача Сашо Клековски.

Властите велат дека во моментов нема епидемија на морбили во Македонија, но се подготвуваат мерки за зголемување на вакцинацијата и спречување на можна епидемија. Во врска со извештајот за 2025 година, епидемиолозите од Институтот за јавно здравје рекоа дека за ниту една од вакцините во редовниот календар, за првата доза на вакцината, не е постигнат посакуваниот опфат од 95 отсто.

„На пример, за хепатит Б имаме 77 отсто, за Haemophilus influenzae 78 отсто, за дифтерија, тетанус, пертусис – тука имаме 79 отсто, иако имавме епидемија до 2024 година. Понатаму, за вакцината против полиомиелитис исто така 79 отсто, како што кажа министерот 62 отсто за МРП вакцината, а вакцините за кои секогаш имаме релативно низок опфат, тоа се ХПВ со 51 отсто. За последните вакцини воведени во календарот пред неколку години – ротавирус и пневмокок со 64 и 80 отсто.“, вели Драган Кочински.

Во врска со имунизацијата, беше истакнато дека постојат редовни активности на ИЈЗ и Центрите за јавно здравје вклучени во Националната програма за јавно здравје. Овие активности, според властите, биле редовни – контроли на пунктовите за вакцинација, потрага по невакцинирани деца, посети на училишта и предавања, едукација од страна на епидемиолозите, со цел активностите да се спроведуваат во текот на целото време.

Read Previous

13-годишник претепан со безбол-палки и избоден со нож во Чаир – се бори за живот

Read Next

Предложен притвор за 19-годишник осомничен за нападот со нож во Чаир