Обвинителството соопшти дека е донесена наредба за спроведување истражна постапка против осомничениот за кривично дело „насилство“. Според досегашните сознанија, 19-годишникот и неговиот малолетен брат, кој поради возраста не подлежи на кривична одговорност, учествувале во нападот.
При инцидентот, со убоди од нож биле тешко повредени едно дете и едно полнолетно лице, додека уште едно дете било полесно повредено.
„Во јавноста и кај присутните лица предизвикувале чувство на несигурност, загрозување, страв и вознемиреност“, наведува Обвинителството.
За 19-годишникот јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор.
Претходно денеска, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека за инцидентот биле приведени вкупно пет лица.
Тој информираше дека 13-годишното момче е во многу тешка здравствена состојба и се бори за живот.
Според првичните информации со кои располагало Министерството за внатрешни работи, и лицето кое го извршило нападот било малолетно. Подоцна, Обвинителството соопшти дека истражната постапка се води против 19-годишник, додека неговиот малолетен брат е под законската возраст за кривична одговорност.
Истрагата треба да ги утврди сите околности и улогата на лицата кои учествувале во инцидентот.


