August 5, 2026

Албанија: Пожарот во Рибан кај Малакстра се шири кон шумскиот масив во Лофкенд

Пожарот во селото Рибан во Малакстра, Албанија, во текот на ноќта се прошири на поголема површина, со што значително се зголеми ризикот од зафаќање на шумскиот масив кон селото Лофкенд.

Во моментов оперативните сили се концентрирани во два главни правца на интервенција, во Рибан и Лофкенд, со цел изолирање и ставање под контрола на пламените јазици.

Се наведува дека на терен се ангажирани пет противпожарни возила од Малакстра, Фиер, Росковец, Берат и Кучова, 30 припадници на противпожарната служба, 35 сили на општината, две цистерни со вода, а се очекува да се вклучат и 35-40 припадници на вооружените сили.

Поради тешкиот терен, густината и височината на ниската вегетација, големата распространетост на пожарот и силниот интензитет на пламените јазици, многу е отежната интервенцијата со копнени сили.

Агенцијата за медиуми и информирање во последниот извештај за состојбата со пожарите соопшти дека во Албанија во последните 12 часа биле пријавени 14 пожари на национално ниво, од кои пет и понатаму се активни, а силите на цивилната заштита дејствуваат од земја и од воздух за целосно изолирање и неутрализирање на пламените јазици.

Read Previous

Туристка пронајдена почината во хотел во Охрид