Два големи пожари речиси истовремено предизвикаа сериозна тревога во Грција, зафаќајќи области на островот Крит и во централниот дел на земјата.
Првиот пожар избувнал во магацин за дрва во Ираклион, во областа Агиос Јоанис Хостос, каде поради големото количество запалив материјал огнот брзо се проширил кон околните објекти. Магацинот бил целосно уништен, а оштетувања претрпеле и неколку куќи и деловни простории во близина.
Поради густиот чад над градот, грчките служби го активирале системот за итни предупредувања 112, со кој на жителите им било препорачано да останат во затворени простории и да ги затворат прозорците и вратите. Во гаснењето учествувале 95 пожарникари со 18 возила, специјални единици и еден хеликоптер, а пожарот бил ставен под контрола по неколкучасовна интервенција. Засега нема информации за повредени лица.
Речиси истовремено, втор пожар избувнал во земјоделско-шумска област кај Орхоменос во регионот Беотија. Поради брзото ширење на огнот, на терен биле ангажирани 105 пожарникари, пет пешадиски екипи, волонтери и 25 возила, а од воздух интервенирале десет авиони и три хеликоптери.
Иако огнената линија не ги загрозила директно населените места, пожарот бил со голем интензитет и барал повеќечасовна координирана интервенција за целосно гаснење.
Пожарникарските екипи остануваат на терен поради ризик од нови жаришта, додека надлежните служби започнаа истраги за утврдување на причините за двата пожари.


