Македонија денеска влегува во нов бран на високи температури, а синоптичарите најавуваат вистински тропски ден со жештини кои на одделни места ќе достигнат и до 37 степени. Топлата воздушна маса што се движи од Западна Европа кон Балканот ќе го зафати целиот регион, носејќи значително потопло време.
Поради очекуваните високи температури, надлежните активираа портокалов и жолт метеоаларм, предупредувајќи на потенцијални ризици, особено за постарите лица, хронично болните и оние кои работат на отворено.
Според прогнозата, времето ќе биде претежно сончево и топло, со мала до умерена облачност. Во попладневните часови ќе има услови за локална нестабилност, проследена со краткотраен дожд, грмежи и засилен ветер.
Утринските температури ќе се движат меѓу 15 и 20 степени, додека дневните ќе достигнат од 29 до 37 степени.
Во Скопје се очекува сончево и многу топло време со мала до умерена облачност. Во поединечни делови од котлината попладне е можна краткотрајна нестабилност со дожд и грмежи. Температурата ќе се движи од минимални 19 до максимални 35 степени.
Метеоролозите препорачуваат граѓаните да избегнуваат подолг престој на сонце во најтоплиот дел од денот, да внесуваат доволно течности и да се придржуваат до препораките за заштита од високите температури.


