Еколошките активисти од иницијативата „Стоп за Усје“ и граѓани протестираа во Скопје, барајќи одлуката за обновување на А-интегрираната дозвола за Цементарницата „Усје“ да се донесе во согласност со европските еколошки стандарди.
Протестот се реализира по повеќемесечни реакции за загадувањето на воздухот, а демонстрантите, кои маршираа од Собранието до Министерството за животна средина и просторно планирање, пратија пораки како „Не за нова дозвола по стари правила“, „Здравје пред профит“ и „Скопје на народот, не на индустријата“.
Барањето за обновување на дозволата било поднесено и објавено на 22 мај на веб-страницата на Министерството, а било доставено до Општина Кисела Вода и до Град Скопје, по што следувал едномесечен рок за увид и доставување забелешки.
Министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа изјави дека законскиот рок за поднесување забелешки завршил на 22 јуни, а јавна расправа за постапката се очекува во првата недела од јули.
Според него, постапката се води според важечкиот закон, но дозволата ќе биде обновена во согласност со новиот Закон за контрола на индустриските емисии, кој треба да стапи на сила во септември следната година и предвидува построги еколошки стандарди.
Хоџа најави и подготовка на регистар на индустриски капацитети со А-интегрирана дозвола, при што операторите ќе имаат обврска да ги доставуваат мерењата, а Министерството ќе ги објавува на својата официјална веб-страница.


